Македонскиот олимписки комитет соопшти дека финансиски ќе го помага Бошко Стаменковски, еден од ретките во Македонија кој се занимава со малку познатиот „пауер лифтинг“, поддисциплина во бодибилдингот.
„По големите успеси на меѓународен план последните години, неговиот квалитет и успеси ги препознаа првите луѓе на Олимпискиот комитет на Македонија на чело со Даниел Димевски кој денеска со него потпиша договор за соработка и финансиска помош. Меѓу другото, Стаменковски е носител на светскиот рекорд во правење склекови, бидејќи за една минута направил 77, со заклучување. Рекордот е поставен во декември 2018 година.
Со оглед на тоа што минатата година, спортот во светот беше суспендиран поради пандемијата со коронавирусот, најплодна година на шампионот од Македонска Каменица е 2019 во која тој настапи на 15 натпреварувања, учествуваше на пет европски и пет светски натпревари и околу 50 турнири“, пишува на страницата на МОК на Фејсбук.