„Мислам дека уште еднаш ќе го видиме Фјури како танцува повторно. Би било навистина штета доколку тој меч не се случи“!

Карл Фроч, поранешниот шампион на ВБЦ во супер средна категорија, го кажа своето мислење за веста дека Тајсон Фјури решил засекогаш да ги закачи ракавиците.

Вчера пишувавме за тоа како Фјури го најави своето пензионирање. Рече дека ужива во кариерата, им се заблагодари на своите фанови, но истакна дека сега завршил со професионалниот бокс.

Сепак, „Кралот на Ромите“ има историја на повлекување од спортот, тоа го правеше неколку пати претходно, но секогаш се враќаше.

Фјури ги освои првите светски титули во 2015 година победувајќи го Владимир Кличко. По пауза во кариерата, тој се врати и го победи Дионтеј Вајлдер во две од нивните три борби, станувајќи шампион на ВБЦ. Во 2024 година се обиде да ја освои титулата апсолутен шампион против Александар Усик, но не успеа да победи во двете борби против Украинецот. Ги претрпе првите два порази во кариерата.

На оваа вест на својот Јутјуб канал реагираше и поранешниот шампион во супер средна категорија во пензија, Фроч. Британецот рече дека сè уште верува оти Фјури повторно ќе зачекори во рингот:

„Не сум сигурен дали ова пензионирање е официјално и тој навистина ќе остане во пензија. Мислам дека ќе го видиме како танцува уште еднаш, и тоа против Ентони Џошуа. Би било навистина штета за љубителите на боксот ако да не ја видиме борба меѓу Еј Џеј и Фјури“.

Теоријата на Фроч секако има смисла, особено ако се земе предвид дека Фјури повеќепати излегуваше од пензија, а изборот на противник е на место. Фјури против Џошуа е борба која долги години е желба на многу љубители на боксот, а и двајцата претрпеа порази во последните настапи. Еј Џеј претрпе тежок пораз со нокаут од Даниел Дубоа, а Фјури загуби две последователни борби од Усик со одлуки на судиите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО