Силвио Мировски освои златен медал на Светското кик бокс првенство за јуниори во Будимпешта, Унгарија, во дисциплината лоу кик за постари јуниори до 71 кг и го постигна најголемиот успех во кариерата.
Под импресии од светската титула Мироски за Ипон.мк рече:
„Ова е резултат на мојот долгогодишен труд и напорна работа заедно со мојот тренер Драган Атанасовски. Заедно целевме кон ова и полека но сигурно се остваруваат нашите планови. Првото полувреме го завршивме со прво место на Светскиот куп кој се одржа пред два месеци, исто така во Будимпешта. Веднаш потоа, без пауза, континуирано продолживме со подготовки за ова првенство.
Силвио истакнува дека во четвртфиналето се борел со натпреварувач од Турција, при што борбата завршила со прекин во третата рунда.
„Во полуфиналето имав противник од Бугарија, со кој, исто така, борбата заврши со прекин уште во првата рунда. Финалето беше предизвик, со одличен натпреварувач од Украина, но на крајот сѐ заврши според планираното, со победа 2-1“, вели Мировски и наглсува:
„Голема благодарност до целата ВАКО федерација на Македонија, на чело со претседателот Дејан Митровски- Урко, кој што е голема поддршка за сите натпреварувачи на многу натпреварувања до сега. Огромна благодарност и до мојот тренер Драган Атанасовски, како и до целата моја фамилија и сите оние кои ми беа неизмерна поддршка и ми овозможија учество на ова Светско првенство“.