Мирче Јанушевски: Во Металург имаме смена на генерацијата, новата ја предводи Азиз Исмаил

Тренерот на Карате клубот Металург, Мирче Јанушевски, направи пресек на учеството на неговите натпреварувачи на Државното првенство за сениори и очекувањата од наредните меѓународни настапи кои се клучни за составот на репрезентацијата.

Јанушевски посочува дека Металург на Државното првенство за сениори во Штип настапил во 17 категории, при што освоиле 13 медали – 2 златни, 6 сребрени (2 во екипна конкуренција) и 5 бронзени. Тој истакнува дека Државното првенство е прв натпревар во изборот на репрезентацијата на Македонија, а потоа следува Балканското првенство за сениори од 24 и 25 март во Турција по кое ќе се знае конечниот состав на селекцијата.

На Балканското првенство може да настапат сите освојувачи на поединечни медали, односно 11 натпреварувачи од карате клуб Металург.

„Во карате клубот се случува смена на генерацијата и од тој аспект можеме да бидеме задоволни со овие постигнати резултати. После една исклучително трофејна генерација предводена од Иво Цветковски, освоени 3 медали од европски и светски карате првенства. Прв освоен сениорски медал (сребрен) во поединечна конкуренција во историја на Република Македонија. Огнен Груевски, прв сениорски медал од Европското карате првенство одржано во Атина и Мартин Несторовски, 3 медали 1 јуниорска, 1 сениорска од Европското првенство и 1 медал од првите Европски игри во Азербејџан 2015 година и Ферат Корбулиќи, доаѓа нова генерација млади надарени натпреварувачи за кои очекуваме ќе продолжат по стапките на нивните претходници“, истакнува Јанушевски и додава:

„Оваа генерација е предводена од Азиз Исмаил со два освоени медали од европски првенства – по еден во кадетска и во јуниори до 21 година; Виктор Крстевски еден освоен медал од европско првенство во јуниорска категорија; Петар Спасеновски еден освоен медал од европско првенство во јуниорска категорија; тука се и Семир Ќосовиќ, Давид Петков, Драгана Манговска, Сара Крстевска, Горан Николовски, Роберто Ацковски, Филип Несторовски, а од помладите во кадетска и во јуниорска конкуренција Иво Мишачковски, Глигор Петков, Усамед Бајрами, Марија Петровска во борби и Александар Неделковски во кати“.

Првиот стратег на Металург потенцира дека со упорна и напорна работа оваа нова генерација ќе успее да ги  достигне и надмине постигнувањата на нивните претходници.

Според Јанушевски, целосна отценка за постигнатиот резултат на КК Металург во сениорска конкуренција ќе може да се даде по Балканското првенство, кога, всушност, завршува изборниот циклус за сениорската репрезентација за Европското карате првенство за сениори кое се одржува во Нови Сад, Србија од 10-13 мај годинава.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON