Стипе Миочиќ го брани шампионскиот појас на УФЦ следниот викенд. Американскиот борец со хрватски корени во реваншот ја брани титулата во тешка категорија против предизвикувачот Френсис Нгану. Нивната борба го предводи УФЦ 260 што ќе се одржи на 27 март во Лас Вегас.
Во новата анализа на „Инсајд октагон“, Џон Гуден и тешкашот на УФЦ Волт Харис се согласија дека Миочиќ треба да ги примени истите тактики како и на неговиот прв дуел во 2018 година кога со едногласна одлука на судиите го победи Нагану.
„Стипе е добар во сите боречки вештини, а Френсис е опасен во секое време. Навистина сум возбуден од судирот на стилови. Стипе во првата борба одработи совршена борба. Направи сé што требаше да направи од движење, влегување во соборување…“, вели Волт Харис и додава:
„А, Френсис не беше тој што требаше да биде. Низ неговата глава минуваа секакви работи, но мислам дека пребрзо стигна до борбата за титулата“.
Еден факт ги изненади сите. Имено, Миочиќ извојува 20 победи во текот на кариерата, а 75 проценти од нив беа постигнати со нокаут или технички нокаут. Додека Нагану има 15 победи со 73 проценти од оние што ги постигна со нокаут или технички нокаут. А, Камерунецот често се претставува како најопасниот нокаутер на УФЦ.
„Ова е изненадувачки, бидејќи за Френсис знаеме како уништува сè пред себе, а потоа слушаме дека Стипе има поголем процент на нокаути“, посочува Волт Харис и заклучува:
„Лудо е, но има смисла, бидејќи Стипе полека ги крши своите ривали. И тоа е причината што не гледаме на него како експлозивен и спектакуларен нокаутер, но тој е опасен удирач и одличен борец“.
Погледнете ја целата анализа и разговор помеѓу он Гуден и Волт Харис на видеото: