Милошевски дел од судискиот тим за тестирање на новите карате правила на ВКФ за 2025/2026

Минатата недела, од 11 до 14 јули, во Лафајет, Луизијана, се одржа Државното карате натпреварување за избор на јуниорскиот национален тим кој ќе учествува на следниот јуниорски Пан-Американски куп и Светскиот карате шампионат. На ова натпреварување се избираше и сениорскиот национален тим кој ќе ја претставува САД на следниот сениорски Светски карате куп и Светскиот карате шампионат. Беа поканети 60 американски судии, вклучувајќи ги и сите активни светски американски судии. Во овој тим беа вклучени само двајца светски судии кои доаѓаат од европскиот континент, првиот беше од  Унгарија а вториот беше нашиот светски карате судија, Дејан Милошевски.

На ова натпреварување вкупно беа доделени 1260 медали, а натпреварот беше организиран на 10 татами и траеше четири дена, од утринските па сè до вечерните часови.

„Специјален гостин на натпреварувањето беше заменик претседателот на Светската карате федерација, Гуннар Нордахл. Посетата беше организирана со цел да се тестираат новите правила за борби кои се планира да се воведат во наредниот период. Гунар беше назначен како спортски комесар во 2022 година со задача да ги измени и подобри светските карате правила за кати и борби. Во последните години имаше многу промени, но една од најважните беше во начинот на евалуација на ката изведбите – се воведе електронско оценување со оценки од 5 до 10, а бројот на судии се зголеми од 5 на 7.  Во борбите, една од најзначајните промени беше воведувањето на неформалните предупредувања (Вакарете/Тсузукете). Целта беше да не се прекинува борбата кога борците се во клинч, туку, да им се даде шанса самите да се одвојат по знак од судијата (вакарете) и да продолжат да се борат (тсузукете) без прекин на времетраењето на борбата.

Во овој момент, можам да споделам дека на ова натпреварување тестираме како ќе се одвива динамиката на борбата ако во последните 15 секунди времето се стопира кога ќе се иницира вакарете/тсузукете процедурата. Јас исто така имав можност лично да поразговарам со г. Гунар и да размениме ставови за тековните правила, предизвици и идни можни измени за оценување на ката изведбите. Во овој момент немам дозвола да споделам јавно што ќе се смени, но ве уверувам дека следните измени ќе го олеснат процесот на оценување и ќе имаме и поефикасно судење. Измените ќе се воведат највероватно во 2026 година откако ќе се одобрат од страна на Извршниот одбор и претседателот на Светската карате федерација“, вели Милошевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON