Носителот на бронзениот медал од Европското првенство во кик бокс во Билбао, Шапнија, Мики Ивановски, во сабота на 18 април во Варшава, Полска, има професионален меч во К-1 против Полјакот Камил Рута, како дел од двомечот Полска-Македонија на „ДСФ кикбоксинг челинџ“.
За Ивановски во полските медиуми се пишува со должно почитување, претставувајќи го како една од европските ѕвезди на овој спорт.
За својот противник, миленик на домашната публика, вели: „Во Полска е број 1 во таа дисциплина. Државен првак, а за да дојде до таа титула треба да покаже многу, затоа што Полска е голема земја и има многу кикбоксери. Сепак, тоа нема да биде проблем да го победам“.
Камил Рута ќе настапи пред својата публика, која се очекува да биде во голем број и со сите сили да го бодри нивниот миленик.
„Тоа ќе ми биде дополнителен мотив. Од друга страна, тој е предизвикувачот и можеби мисли дека лесно ќе ме победи“.
Според Ивановски, ваквото мислење на Рута ќе биде во негова корист, при што истакнува дека противникот како најсилно оружје ја има рачната техника, а десниот директ е посебно опасен. Но тој верува во својата подготвеност, истакнувајќи дека од Меморијаниот турнир „Љупчо Неделковски“ во Виница, што се одржа во јануари, каде што беше прогласен за најдобар кикбоксер на турнирот, се подготвувал за овој меч.
„Подготовките добро ги одработив. Тренирав два пати дневно. Секоја вечер имав спаринг мечеви со Димитар Георгиев и Стојанче Цветковски, под стручен надзор на тренерот на репрезентацијата Драган Атансовски“.
Споредувајќи ги турските и полските кикбоксери, Ивановски посочува дека Турците се многу поквалитетни и за да обезбедат место во А-класа тргнуваат од Ц-класа, така што само најдобрите одат на европски и светски првенства. Инаку, до дега се немал средба со кикбоксер од Полска, но смета дека не имаат нешто со што може да го изненадат, иако Македонија е мала земја.
„Ние имаме наш стил и се имаме докажано и на светските првенства и на европските. Имаме квалитетни кикбоксери. Се имам сретнато со Белорусин на ЕП во Турција, каде што изгубив со два поени разлика“.
За тоа што патуваат со Димитар Георгиев како големи имиња Ивановски нагласува дека на организаторите и требаат квалитетни борци кои освојувале медали на ЕП и на СП, затоа што треба да прикажат квалитетни борби, за да се привлече што поголем број на публика и спонзори на настанот.
На ваквите настани, по обичај, наградните фондови се поголеми. Колку во суштина тоа е предизвик за професионалнит мечеви Ивановски има и поинакво мислење.
„Тоа е тешко да се опише, затоа што ако знаеш за мечот три месеци однапред, за да се подготвиш ти требаат 1.500-2.000 евра. Дел од тие средства одат суплементи, а еден дел на исхраната. Тоа се мои пари, зашто никој не ги финансира подготовките. Така што, добивката, кога ќе се пресметаат трошоците, е многу мала во споредба со ангажманот“.
Годинава се одржува Светското првенство, на кое, логички, нашиот репрезентативец треба да ги покаже квалитетите и европскиот медал да го претвори во светски.
„Ова ќе ми биде четврто светско првенство. Имам собрано големо искуство и со добар жреб, оти ако ти се падне Русин или Белорусин многу се истрошуваме и потешко може да се продолжи во ист ритам, може да се направи добар резултат. И судиите имаат поинаков однос кон кикбоксерите од поголемите земји, бидејќи и самите имаат голем број на делители на правдата на дадено првенство. Очекувам да освојам медал, а каков ќе биде, ќе видиме“.
Ipon.mk/В. Донев