Михаин Лопез испиша олимписка историја со петтото олимписко злато

Кубанскиот борач Михаин Лопез Нуњез (41) постигна неверојатен и историски резултат на Олимписките игри во Париз, освојувајќи го петтиот златен медал на петтите игри по ред.

Во финалната борба во грчко-римски стил до 130 килограми, Лопез Нуњез го совлада Чилеанецот Јасмани Акоста Фернандез со 6-0 и освои нов златен медал во славната кариера.

Своето прво злато го освои на Игрите во Пекинг кога се натпреваруваше до 120 килограми, а сето тоа го повтори четири години подоцна кога Лондон беше домаќин на Олимписките игри.

Потоа во следните три случаи се натпреваруваше во категорија до 130 килограми, а навиките за освојување златни медали останаа исти. Најдобар беше во Рио де Жанеиро, Токио и сега во Париз.

Амин Мирзазаде (Иран) и Лингже Менг (Кина) станаа бронзени медалисти во категоријата.

Со тоа Лопез Нуњез стана првиот спортист во историјата кој освоил пет златни медали во иста дисциплина. Досега американскиот атлетичар Карл Луис во скок во далечина, американскиот пливач Мајкл Фелпс на 200 метри мешано, американската пливачка Кејти Ледеки на 800 метри слободно, Данецот Пол Елвстром во едрење, Американецот Алфред Оертер во диск и Јапонецот Каоир Ичо во борење освоија четири златни медали во иста дисциплина.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО