Последниот меч на украинскиот боксер Васил Ломаченко беше во мај, кога го победи Џорџ Камбосос Јуниор со прекин во 11 рундa во борбата за испразнетата титула на ИБФ во лесна категорија.
Поранешниот светски шампион го доживеа најтешкиот пораз во мај 2023 година, кога загуби од Девин Хеjни со едногласна одлука во борбата за неприкосновен шампион во лесна категорија.
Менаџерот на Ломаченко, Егис Климас, тврди дека Васил е „најидеалниот противник“ за шампионот на ВБА, Џервонта Дејвис – Тенк, а за нивниот потенцијален судир се зборуваше и претходно.
„Сите мислат дека приказната на Лома е завршена и зад него се најдобрите години во кариерата, па сега сите сакаат да се борат со него. Тоа е одлично, дојде идеално време да се организира борба против Тенк“, рече Егис Климас и додаде:
„Доколку Васил се врати годинава и го победи Тенк, тоа ќе биде круна на неговата кариера. Овој меч е совршена можност за него да го потврди своето наследство како најдобар борец во лесна категорија. Ломаченко во овој момент е најидеалниот противник за Дејвис.
Климас истакнува дека евентуален дуел меѓу Ломаченко и шампионот на ВБЦ Шакур Стивенсон би бил премногу досаден, бидејќи Американецот ја избегнува борбата.