Менаџерот на Усик не ја исклучува можноста шампионот да се бори со Владимир Кличко: План од соништата

Непоразениот украински борец Александар Усик е крал во тешка категорија, кој ги држи светските титули во ВБО, ВБА и ВБЦ, откако минатиот декември по вторпат го победи Тајсон Фјури.

Малку е веројатно дека Усик ќе се пензионира и покрај тоа што има 38 години и освои се што треба да се освои, станувајќи апсолутен шампион во полутешка и тешка категорија.

А што е следно за Украинецот? Има потенцијален меч против шампионот на ИБФ доколку сака повторно да ги обедини титулите во кралската дивизија.

Имено, шампионот на ИБФ Даниел Дубоа ќе ја брани титулата против Џозеф Паркер на 22 февруари на настан во Ријад. Британецот се уште бара реванш против Усик.

Александар претходно изјави дека сака да се врати во крузер категорија, каде повторно ќе се обиде да ги обедини титулите. Нему му е понуден меч против Џеј Опетаја.

Но, промоторот на Усик, Алекс Красјук, исто така спомна потенцијална пресметка со легендарниот сонародник, 38-годишниот Владимир Кличко, во едно неодамнешно интервју.

„Не знаеме што е следно за Усик. Многу зависи од исходот на мечот меѓу Дубоа и Паркер. А медиумите пишуваа дека Владимир Кличко сака да се врати во рингот и да стане најстариот светски шампион во тешка категорија“, рече Алекс Красјук, додавајќи:

„Кличко сака да го собори рекордот на Џорџ Форман. Се уште не сакаме да носиме никакви одлуки, но тоа е план од соништата. Ова засега се само размислувања, но може да се реализира, барем така вели Турки Алалших. Значи тоа е можно. Усик може да избира, но многу зависи од исходот на Дубоа – Паркер“.

Кличко сега има 48 години и не се борел од 2017 година, кога загуби од Ентони Џошуа во возбудлива борба.

Легендата на боксот размислува за борба за враќање, во добра форма е и постојано тренира, што би можело да му помогне да ги надмине сите пречки на враќање во рингот.

Владимир отсекогаш ја поддржувал кариерата на Усик и редовно ги посетува неговите средби, а на последниот изјави дека нема желба да се бори против својот сонародник.

„Боксот ме научи многу, станав борец. Се борам за мојата земја, во рингот, за моето семејство, за мојот град. Јас сум борец, точка, секогаш сум подготвен за борба“, изјави Владимир Кличко во пресрет на мечот во кој Усик по вторпат го совлада Џипси Кинг и продолжи:

„Ќе имаме возбудлива 2025 година. Се надевам дека Александар Усик ќе ме држи во пензија со тоа што уште еднаш ќе го победи Тајсон Фјури. Кој знае колку децении ќе бидат потребни за повторно да се добие неприкосновен шампион во тешка категорија. Александар е вистински шампион внатре и надвор од рингот и пример за другите борци“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО