Конор Мек Грегор (22-4, 10-2 УФЦ) славеше на УФЦ 246.
Во првата борба од октомври 2018 година и поразот на Хабиб Нурмагомедов во мечот за титулата во лесна категорија, 31-годишниот Ирец со леснотија го нокаутира Доналд Цероне (36-14-1НЦ, 23-11 УФЦ).
Како што се очекуваше, 36-годишниот Каубој не претставуваше голема закана и Мек Грегор го скрши за само 40 секунди. Во првите моменти од борбата, со ударите со рамо во клинч му го скрши носот. Потоа гопогоди со лев ножен удар (хај кик) во брадата и го заврши со серија на удари со тупаници.
Ова му е прва победа на Мек Грегор од ноември 2016 година кога против Еди Алварез стана првиот борец во историјата на УФЦ кој ги држеше титулите во две тежински категории.
За Цероне ова беше трет последователен пораз, но и најплатена борба во неговата кариера.
Иако оваа борба се одржа во велтер категорија, Мек Грегор со победата дојде до нова борба за титулата во лесна категорија со победникот од мечот меѓу Нурмагомедов и Тони Фергусон.
Алексеј Олејник (58-13-1, 7-4 УФЦ) ја прекина серијата од два порази совладувајќи со армбар пред крајот на втората рунда Морис Грин (8-4, 3-2 УФЦ). 42-годишниот Русин против американскиот кик-боксер ја оствари неверојатната 46 победа со завршница во кариерата.
Поранешниот шампион во лесна категорија Ентони Петис (22-10, 9-9 УФЦ) ја загуби втората борба по ред и го доживеа третиот пораз во последните четири меча. 32-годишниот „Шоутајм“ загуби со давење од позади гол во втората рунда од Диего Фереира (17-2, 8-2 УФЦ). За 35-годишниот Бразилец, ова е 6-та последователна победа.
Во првата борба по поразот со нокаут од Аманда Нунес, поранешната шампионка Холи Холм (13-5, 6-5 УФЦ) ја совлада Ракел Пенингтон (10-8, 7-5 УФЦ) со едногласна одлука на судиите.
Во мечот во мува категорија непоразениот Аскар Аскеров (11-0-1, 1-0-1 УФЦ) во вториот настап за УФЦ стигна до првата победа. По нерешената борба со Брендон Морено со едногласна одлука го совлада Тим Елиот (15-10-1, 4-8 УФЦ).