Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денес организираше прием на браќата Рустемовски, Ружди, Ален и Ардијан, членови на Боксерскиот клуб Пелистер јунак од Битола кои настапија на Балканско првенство во бокс во Лозница, Србија. Ален и Ружди освоија златни медали, а Ардијан сребрен.
Ален Рустемовски во категоријата до 57 килограми во финалето беше подобар од украинскиот ривал Денис Роздолски. Од друга страна, Ружди Рустемовски боксираше и го победи домашниот боксер во Лозница, Стефан Чамовиќ од Србија. И двајцата битолчани освоија златни медали.
Ардијан Рустемовски се закити со сребро, откако во финалето изгуби од Украинецот Зименко.
Градоначалникот Тони Коњановски им упати искрени честитки на своите сограѓани кои достојно го претставија македонскиот бокс и Битола во Лозница и направија одличен резултат со желба и надеж во иднина да бележат поголеми успеси и нови победи.