Тешки времиња за сите, и за оние што работат и за оние што се занимаваат со спорт, без разлика дали сте во Македонија или во странство. Не за џабе е кажано дома си е дома, посебно ако си во земја која тотално зависи од туризмот, а тоа значи дека неколку месеци ќе останете без работа, така што тешко ќе се преживее. Токму тоа се случува во Малта. Човек со човек, рекле нашите стари, а спортистите се покажуваат и во друго светло, она најблагодарното, човечкото, хуманото. А нашиот борач и ММА борец Мартин Србиновски деновиве е доста активен на сплотувањето на македонската заедница во Малта и со сите сили се труди да и помогне на нашите грѓани во оваа земја кои остана без работа.
Храна, хигиенски средства, како и парични средства веќе се доставени до неколку семејства чии членови останале без работа и сега им е загрозена егзистенција.
На Мартин Антевски, кој на Малта дошол пред подолго време, пред два месеца му дошле и сопругата со малото дете, сега се наоѓаат во тешка ситуација бидејќи останал без работа.
„Здружението ми помогна, ме исконтактираа и ни помогнаа. Јас сум тука со сопругата и бебето и навистина ни треба помош. Многу сум им благодарен за сето она што го прават. Убаво е кога се добива помош од нашите сонародници тука во странство. Имате чувство дека не сте сами и заборавени“, изјави рече Мартин за Скопско ехо.
Помош добило и семејството на Пепа Најдова од Неготино.
„И јас сум благодарна што ни помогнаа. Овде ситуацијата стана тешка и помошта е навистина потреба“, ни рекоа во ова семејство.
За помош се обратила и една мајка на петмесечно бебе, останала без работа. Таа побарала помош во млеко и пелени за бебето. Мартин Србиновски ни вели дека и таа како и другите ќе добие помош.
„Ваков тип на акција е прв пат овде, поради ситуацијата… Претходно, секогаш сум помагал, дали за работа, дали за сместување и за се што е потребно. Моментално во Малта има над 2000 Македонци, а во лето бројката е над 5000“, вели Србиновски за Ипон.мк и додава:
„Сакаме да им помогнеме колку што можеме, со храна, со пари. Некои решиле да се вратат со чартер-лет кој го организира Владата, а другите ќе останат. Владата на Малта уште не решила што ќе прави со работниците од трети земји, со оние кои не се од Малта и од земјите на ЕУ, а работата тука. Односно, дали ќе им помага некако или не“.
Нашиот ММА борец е борец во срцето и со душа и се обидува да ја сплоти заедницат за да се одржи.
„Искрено се уште немаме официјална заедница, јас имам своја група на ФБ за Македонци во Малта што брои 6300 членови. На некој начин ја преземам одговорноста за Мекедонците овде. А за акцијата што ја почнавме контактирав со човек, сличен на мене, кој е одговорен за Србите, и донесовме заедничка одлука за овој гест. моментално сме јас и уште двајца Срби сме ангажирани во оваа работа, но се јавуваат многу нашинци да пружат каква било помош“, раскажува Мартин Србиновски.
Инаку Мартин работи како обезбедување во Малта, а како спортист потпиша договор со ММА организацијата Центурион фајт Сепак, неговата кариера, како и секаде во светот е во застој поради коронавирусот.
„Борбата што требаше да се одржи на 9 мај во Малта против Италијанец е одложена“, истакна Србиновски.
Ipon.mk/В.Д.