Конгоанскиот тешкаш Мартин Баколе неодамна посочи тројца противници со кои ќе влезе во рингот, но деновиве мислите ги насочи само на еден – Жилеj Жанг.
Баколе неодамна го нокаутираше младaтa американскa надеж Џеред Андерсон и сега е рангиран како предизвикувач број еден на ВБА пред Тајсон Фјури, a toa ја отвора можноста за борба против големиот Кинез.
Турки Алалшеик, одговорниот за спортско-забавните настани во Саудиска Арабија, истакна дека тој меч сака да го организира во Кина.
„Можам да се борам со секого, а особено сум подготвен за големиот Жанг. Знам дека можам да го победам каде и да се бориме, во Кина, во Саудиска Арабија, во Велика Британија или Америка“, рече Мартин Баколе и најави нов нокаут, повторно спомнувајќи како еднаш во спаринг го завршил светскиот шампион Александар Усик.
„Ќе му одржам лекција на Жанг, бидејќи цел живот боксирав со брат ми, кој исто така е левак. Може да го прашате и Александар Усик – го запрев и во спаринг со удар по телото. Знам како да ги спречам. Знам дека е тежок и добар борец, но ќе го победам“.
За Баколе нема да биде проблем доколку мечот против Жанг биде договорен во Кина.
„Подготвен сум да се борам пред неговите навивачи. Секогаш се борам надвор, отидов во Америка и го запрев Андерсон, отидов во Париз и го победив Тони Јока, а сега би сакал да одам во Кина и да го победам Жанг пред неговите фанови. Би ја сакал таа борба и навистина се радувам на неа“, изјави Мартин Баколе.
И кинескиот тешкаш чека шанса за титула веќе неколку години, победувајќи го Џо Џојс двапати, но загуби од Џозеф Паркер.
Жанг повторно се врати на светската сцена со голема победа против Дионтеј Вајлдер.
Спаринг партнерот на Баколе, Дејв Ален, тврди дека Конгоанецот би можел да биде првиот човек кој ќе го победи моментално непоразениот Усик.
„Многу е опуштен, неверојатно е како човек со негова големина може добро да спои шест, седум удари. Спарирав со Тајсон Фјури, Александар Усик, но никој не поврза толку многу различни удари толку брилијантно. Баколе може да го победи Усик“, подвлече Дејв Ален.