Остануваат помалку од две недели до еден од настаните на годината, во кој Брок Леснар ќе направи камбекот во октагонот по петгодишна пауза, застанувајќи против искусниот ветеран Марк Хант.
И додека повеќето погледи се насочени токму кон Леснар, Марк Хант изјави дека е подготвен да и ја расипе забавата на сите фанови на „The Beast“, соборувајќи го на подот со некој од неговите типични удари за нокаут.
Еве што вели „Супер Самоанецот“ во однос на мечот со Леснар:
„Тој е големо име во спортот. Повеќето од луѓето ќе го гледаат мечот поради него. Ова ќе биде голем ден како за мене така и за спортот. Ако судиме според бројот на гледачите, тоа дефинитивно ќе биде најголемиот дуел во мојата кариера.
Кампот ми е одличен. Немам повреди, а со нетрпение го чекам моментот на судирот. Ние со Брок имаме многу различен стил, но мислам дека во денешно време врвните борци се добри и балансирани во сè. Се гледам себе си, удирајќи го во лицето и принудувајќи го да лета од октагонот“.