На денешниот настап на Кроација опен во Риека најмногу покажаа Ангела Мојсовска и Марија Петровска.
Марија Петровска (кадети, -54 кг, Металург) забележа три победи против Катарина Живковиќ – Хрватска 0-0, Елизабета Молнар – Словенија 3-0 и Ирис Ковач – Хрватска, а во полуфиналето беше поразена од Зоја Зимниковал Словачка 0-5. Во борбата за бронзениот медал во репасажот Италијанката Аурора Пендоли беше подобра и славеше со 4-2.
Петровска константно покажува добри резултати. На Истанбул опен исто така покажа добри борби, односно имаше две победи. Впрочем, таа е државен првак, но нема да патува на Светското првенство во Шпанија од 25 до 29 октомври поради неумесниот критериум на КФМ да има број на победи на домашното првенство, а тоа не зависи од самите натпреварувачи. Може да се каже дека таа е жртва на системот, како и Азра Цури.
Мојсовска (У-21, 68 кг, Макпетрол) првата борба ја загуби со 0-5 од Хрватката Ирена Прга, но затоа во репасажот извојува две победи и стигна до борбата за медал против Деси Рубини од Италија во која беше поразена со 1-3.
Петар Спасеновски (У-21, -84 кг, Металург) имаше две победи, а во третата има пораз, но не јасно од кои причини. Можеби борбата е предадена. Стефан Костиќ (У-21, -75 кг, Металург) стигна до репасаж и забележа победа и пораз, со што ги изгуби шансите дадојде до борба за медал.
Иво Мишчаковски (кадети, – 70 кг, Металург) имаше забележителн настап со две победи и еден нерешен резултат (1-1) кој загуби поради прв освоен поен на противникот Хенрик Ридстром од Норвешка.
На овој силен турнир учествуваат 1729 натпреварувачи од кадетска до сениорска конкуренција од 230 клуба од светот.
Утре се очекуваат настапите во сениорска конкуренција и јуниорска, па така оние што настапија во У-21 ќе се борат и во сениорска конкуренција.
Ipon.mk/В.Д.