Мани Пакијао денес се врати во татковината, каде што беше пречекан од илјадници луѓе како национален херој. Мани (36) излезе пред насобраниот народ во Манила со преврзана десна рака. Како што е познато, тој имаше операција на рамото во Лас Вегас, неколку дена по „мечот на столетието“ меѓу него и Флојд Мејведер.
Филипинецот се бореше повреден и загуби на поени со едногласна одлука на судиите. „Ќе мора да одморам шест месеци. Лекарите ме уверија дека ќе се опоравам 100 процентиј. Мислам дека против Мејведер ја добив средбата со 2 поени разлика“, додаде Пакијао.
Средбата , која беше пренесувана директно во 175 држави, донесе рекордни приходи од над половина милијарда долари. Само во САД околу 4,4 милиони домаќинства платија по 99 долари за директно да го гледаат дуелот на телевизија. Приходите од продажба на билети пак донесоа уште 71 милиони долари.