Каратистите на најдобриот Карате клуб Макпетрол за 2020 година денеска се вратија во Скопје од петдневните заеднички подготовки во Подгорица, Црна Гора.
Бошко Заборски стратегот на Макпетрол, истакна дека овој камп има многу значајна улога за подигнување на моралот и спортската форма кај спортистите.
„Треба да се има предвид дека ние скоро една година немаме никакви настапи и заеднички тренинзи со клубови и репрезентации, затоа ова е вистинско освежување. Во Подгорица се собравме натпреварувачи од балканскиот регион и преставуваше добар тест и подготовка пред нашите предвидени активности, а тоа се учество на Интернационалниот турнир „Тузла опен“, кој ќе се одржи следниов викенд. Потоа, 12-14 март имаме прв настап организиран од страна на Светската карате федерација турнир од светската Карате 1 Премиер лига во Истанбул, каде што ќе се сретнеме со светската карате елита, за подобрување на рејтингот и собирање на бодови за настап на Олимписките игри во Токио“, нагласи Заборски.
Тој доаде дека на подготовките во Подгорица учествуваа спортисти од Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија.
Репрезентативецот Петар Заборски на овие подготовки имаше дупла улога, беше тренер и учесник на подготовките.
– За нас, како спортски колектив, и за мене лично, многу значи што бев повикан да бидам дел од кампот. На подготовките имав прилика да ја испробам својата моментална форма со едни од најдобрите светски натпреварувачи. Одработивме одлични спаринзи. Тоа беше дел од спецификата кој најманогу ни фалеше во овој дел на периодизацијата. Работевме по шест часа на ден и во многу делови ги подобривме борбените техники. Сакам да истакнам дека голема чест е да се соработува со тренерот Жарко Раковиќ, со кого како клуб имаме голема соработка, која успешно ја негуваме повеќе од една деценија. Ова е само почеток за остварување на нашата цел, затоа договорени се учества и соработка и во блиска иднина. Следниот камп ќе биде најверојатно во Скопје“, рече Петар Заборски.