Македонските каратисти растураат во Австралија.
Пишувавме дека сестрите близначки Маријана и Мишела Димоски си ги поделија медалите во У-21 и сениорска конкуренција во кати, но покрај нив и Тео Цветковски имаше забележителен настап на „Австралија опен 2018“ со освојувањето на златниот медал во борби. Да потсетиме дека Цветковски настапи за Австралија и на СП за кадети, јуниори и У-21 минатата година во Шпанија, заедно со Пеце Наумовски. Тео во натпреварите на Австралиските училишта го освои третото место и бронзениот медал. Цветковски ќе ја претставува Австралија на шампионатот на Океанија.
Жетвата на медали ја довршија Стефани Димовска, Микаела Тасевска и Филип Јовановски.
Стефани Димовска во кати во кадетска конкуренција поединечно освои два златни медали. Во натпреварот на Австралиските училишта и на Австралија опен. Во финалето ја совлада МикаелаТасевска, која, пак, покрај сребрениот медал во кати, освои и сребро во борби на Училишното првенство.
Филип Јовановски го освои второто место во борби до девет години.
Да истакнеме дека сестрите Мишела и Маријана Димоски доминираа во кати. Во сениорска конкуренција Мишела го освои првото а Маријана второто место, додека во У-21 година Маријана беше прва, Мишела втора.
Маријана и Мишела во мај ќе ја претставуват Австралија на Првенството на Океанија што ќе се одржи во Нов Зеланд.
Ipon.mk