На 3 и 4 септември се одржува Карате 1 Премиер лигата во Истанбул, Турција, на која ќе настапат близу 500 натпреварувачи од 54 држави.
Македонија ќе биде застапена со 30-тина натпреварувачи од карате клубовите Металург, Макпетрол, Ронин, Штип, Македонка, Вардар, Спорт 94, Башкими 2002, Цветан Димов.
За македонските каратисти ова коло од Премиер лигата е битно затоа што ќе се бркаат норми за Светското првенство во Линц-Австрија, по Правилникот на Карате федерацијата на Македонија (КФМ). Најинтересно е во категоријата до 84 килограми во машка конкуренција, бидејќи Берат Јакупи ги санира повредите, а најверојатно ќе има и оперативен зафат, не може да ги брани стекнатите позиции. Од друга страна, тука е и Сашко Патраклиев, кој обично настапува во екипниот дел на репрезентацијата. Сепак, и двајцата загубија на Државното сениорско превнство од Петар Спасеновски, како и ланскиот победник на Премиер лигата, Симон Антиќ. Бидејќи Петар немаше 18 години не настапи на Балканското првенство, а поради тоа не можеше да биде конкурент и за Европското првенство за сениори. Затоа, пак, Спасеновски на ЕП за јуниори го освои бронзениот медал. Во Салзбург на Премиер лигата имаше по една победа и пораз. Дефинитивно Спасеновски е пред голем предизвик, но на него треба да се гледа и како на иден карате потенцијал.
И во категоријата над 84 килограми може да биде интересно поради добрите меѓународни настапи оваа година на Жарко Арсовски, кој е единствениот носител на медал (бронзен) од Светските првенства за Македонија. Додека носителот на бронзените медали од ЕП и Европските игри мината година, Мартин Несторовски, треба да го освои првото место во Истанбул за да ја претсатвува Македонија на СП. Во оваа категорија ќе има 42 натпреварувачи, а меѓу нив се Слободан Битевиќ, Енес Еркан, Шахин Атамов, Хосеини Амирхосеин, сите се носители на медали и актуелни шампиони.
Може да биде интересно и во категоријата до 75 килограми, иако Енес Смаилагиќ е во предност пред Иво Цветковски, кој беше државен првак и извојува победа против Енес. Смаилагиќ имаше одлични настапи на Балканското првенство во Истанбул.
Кај жените Симона Заборска треба да го потврди местото во репрезентацијата, која летово на Универзијадата во Загреб и Светското универзитетско првенство во Португалија имаше добри настапи. Во оваа категорија и Марија Матракоска брка репрезентативен статус.
Во Истанбул ќе патува и надежната јуниорка Моника Пенадаровска, како и сестрите Наташа и Моника Стефановски, а Сара Радичевска ќе се одмора, како и Сара Крстевска. Ката тимот на Ронин, воедно и на репрезентацијата, Маријана и Мишела Димоски, Пуликсенија Јовановска, како и нејзината алтернатива Киријана Камческа, ќе настапат и екипно и поединечно. Во кати ќе се појави и Ферри Исиќ.
Од другите наши натпреварувачи ќе настапи е поранешниот европски првак и актуелен носител на бронзениот медал од ЕП, Емил Павлов, Ненад Ќелебиќ, Горан Никловски, Ико Ташов, Азиз Исмаил, Давид Петков, Стефан Костиќ, Тодор Ристески, Стефан Апостоловски, Ирфан Мисини, Азиз Исмаил, Петар Заборски и Мурсел Мисини.
Од светските ѕвезди во Истанбул ќе се појават Рафаел Агаев, Демијан Кинтеро, Сандра Санчез, Серап Озелчик.
Ipon.mk/В.Д.