Македонката Оливиа Пановски (15 години) освои бронзен медал во категоријата до 48 килограми на неодмана завршеното Светско првенство во џиу џицу во Хераклеион на Крит, Грција, која за настапува шведската јуниорска репрезентација.
Оливиа до бронзениот медал стигна по пет борби. Во првата борба е поразена од натпреварувачка од Тајланд, која на крајот го освои златото. Потоа извојува четири последователни победи против натпреварувачки од Казахстан, Португалија, Франција и Полска.
Во витрините на Оливиа има многу медали покрај бронзениот од Светското првенство, како сребрен медал Европскиот куп, сребро на Национално првенство на Шведска и 20-тина златни медали од натпревари во Шведска, Данска, Холандија, Белгија. Овие се резултати од последните две години во кои се натпреварува 15-годишната Оливија Пановски која е родена во Малме, Шведска, но со македонско потекло, поточно од битолскиот крај.
Оливија од 3-годишна возраст се занимава со спорт и почнува да тренира гимнастика, а кога наполнила 7 години почнува да тренира во клубот Ломма комбат џу џицу (www.lommacjj.se). На 13 години одлучува да ја остави гимнастиката и го посветува своето време ексклузивно на џиу џицу фајт. Во следните две години има речиси 70-тина борби од кои победува на 60-тина. Откако наполнува 15 години, во февруари 2024 година, Оливиа е поканета да биде дел од јуниорската репрезентација на Шведска.
На првиот натпревар во Тим Шведска освојува сребрен медал на Европскиот куп во Белгија, стига до 5-то место на Европското првенство во Романија, и сега во ноември освои бронза на Светското првенство во Крит.
Како сите други на нејзина возраст Оливиа се справува со училишните задачи и сепак успева да тренира 5-6 тренинзи неделно.
„Најблиската цел е да победи на претстојните натпревари во Данска, Белгија и Италија, пред да дојде време за Европското првенство во Кипар следната година“, истакнуваат од нејзиниот табор и додаваат:
„Главната цел би била да стигне до Светските игри, што е еквивалентно на Олимпијадата, бидејќи џиу џицу моментално не е олимписки спорт“.
Резултати – Светско првенство џиу џицу У-16:
Оливија Пановски (Шведска) – Сузуки Мију (Талајнд) 0-50 со ипон
Оливија Пановски (Шведска) – Анел Амалгани (Казахстан)
Оливија Пановски (Шведска) – Леонор Родригез (Португалија) 17-0
Оливија Пановски (Шведска) – Тафасуте Абдун (Франција) 50-0 со ипон
За бронза
Оливија Пановски (Шведска) – Алција Рошер (Полска) 13-0