Македонија и официјално ќе поднесе кандидатура за организација на Европското првенство во џудо за кадети 2024 година. Ова е еден од најважните заклучоци од денешниот работен состанок помеѓу претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски и претседателот на Европската џудо унија, Отто Кнеитингер.
„Заедно со потпредседателот Горан Антевски денеска имавме мошне конструктивен работен состанок со претседателот на Европската џудо унија, Отто Кнеитингер, на кој разговаравме на повеќе важни теми за дополнителен развој и промоција на џудото во Македонија. Задоволство ми е да споделам со сите дека од Кнеитингер добивме отворена и јасна поддршка за организација на Европското првенство за кадети кое ќе се оддржи во 2024 година, што е дополнителен мотив за сите заеднички да продолжиме напорно да работиме на нашата кандидатура и да донесеме во земјата еден голем и исклучително важен спортски настан“, изјави претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Во својата изјава за сајтот на џудо федерацијата, Трпаноски додаде дека покрај за кандидатурата за европското првенство, на средбата на која приствувале и генералниот секретар на ЕЏУ, Мартин Проигер, генералниот директор на ИЏФ, Влад Маринеску, како и следниот претседател на ЕЏУ, господинот Ласло Тот, се разговарало и за стратешкото планирање за развој на џудото во Македонија, а била добиена и официјална потврда од Европската џудо унија за поддршка на неколку големи проекти кои ќе се реализираат во следниот период, меѓу кои и проектите за џудо во полицијата и џудо во армијата за кои ИЏФ ќе обезбеди специјални татами и кимона.
Покрај со високата делегација на ЕЏУ и ИЏФ, во рамките на Европското првенство во џудо кое од денес па се до недела ќе се оддржува во Софија, Република Бугарија, раководните лица на македонското џудо ќе имаат уште неколку работни средби со делегации од други држави.