Поранешниот шампион на Белатор во лесна категорија, Мајкл Чендлер, ја забележа една од најголемите победи во кариерата. Тој се соочи со Тони Фергусон во битка на главната карта на УФЦ 274 во Аризона. Чендлер победи со еден од најбруталните нокаути во историјата на ММА.
Мајкл Чендлер го нокаутира Тони Фергусон со фантастичен преден удар со нога на почетокот на втората рунда и ја прекина серијата од два порази (Чарлс Оливеира и Џастин Гејџи).
Двајцата отворено го почнаа мечот без многу калкулации. Чендлер прв се обиде да нападне, но Фергусон со одличен контра директ го собори.
Мајкл веднаш стана и борбата продолжи на нозе. Фергусон побара нов удар, а потоа Чендлер го изненади и ја однесе борбата на партер.
Само што започна втората рунда, мечот беше завршен. Имено, Чендлер имаше преден удар во глава во стилот на Андерсон Силва, а Фергусон едноставно заспа на нозе. Тоа беше брутален нокаут.
За Ел Кукуј тоа беше четврти пораз во низа, што може да значи и крај на кариерата, барем оној во УФЦ.