Влеговме во декември кога не очекува голем реванш за светската титула во тешка категорија меѓу Александар Усик и Тајсон Фјури.
Најголемите тешкаши на денешницата повторно ќе се сретнат во рингот во Саудиска Арабија на 21 декември, но овојпат нема да се борат за титулата апсолутен светски шампион.
Имено, непоразениот украински боксер ќе ги брани шампионските појаси на ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ во тешка категорија.
Усик го победи Фјури со поделена одлука во средината на мај, а потоа ја ослободи титулата на ИБФ за да организира реванш.
Нивниот прв меч ја воодушеви боксерската јавност, а особено за паметење е деветата рунда кога Украинецот добро го затресе Фјури.
Во тој момент борбата драматично го смени правецот, што Усик максимално го искористи и ја оствари најголемата победа во кариерата.
Многумина веруваат дека шампионот би можел повторно да го запре Кралот на Ромите, боксерската легенда Ленокс Луис не се впушта во прогнозата, иако од неговата изјава може да се заклучи кого повеќе фаворизира.
„Фјури знае што да прави. Тој беше на дното, потоа на врвот, а во моментов е на дното и знае што треба да направи за да се врати на врвот. Го знае патот до врвот“, изјави Ленокс Луис, а потоа додаде:
„Ќе биде голема борба, тој сака повторно да биде шампион. Верувам дека научи нешто од првиот меч и знае дека има неколку работи што треба да ги направи. Фјури ќе оди таму и ќе го направи тоа“.