Несомнено е дека Александар Усик е еден од најдобрите боксери на денешницата и најдобар тешкаш во својата генерација.
Непоразениот Украинец вторпат по ред го совлада Тајсон Фјури со едногласна одлука на судиите во преполната Кингдом арена во Ријад.
Усик во мај го победи Кралот на Ромите во мечот за апсолутен шампион, а истото го направи и на реваншот и ги одбрани титулите во тешка категорија на ВБА, ВБЦ и ВБО.
Откако ја покори полутешка категорија, Усик го направи истото и во кралската дивизија. Два пати ги победи Тајсон Фјури и Ентони Џошуа, а меѓу тие борби го нокаутира Даниел Дубоа.
Легендарниот боксерски коментатор Адам Смит верува дека веќе нема дебата дали Усик припаѓа меѓу великаните на сите времиња како Ленокс Луис, Мајк Тајсон, Мухамед Али, Џорџ Форман и Џо Луис.
„Усик отсега му припаѓа на тоа општество. Со победата во првата борба го обезбеди статусот на најдобар борец на својата генерација, а со новиот триумф го зацементира своето наследство засекогаш и мораме да го гледаме како еден од најголемите тешкаши на сите времиња“, рече Адам Смит и продолжи:
„Секогаш е тешко да се погледнат и споредат различните периоди. Сакаме да дебатираме и потоа да се запрашаме „дали младиот Мајк Тајсон би го победил младиот Александар Усик? Но, можеме да го погледнеме и од друг агол. И дека некој друг Усик може да се справи со сите тие великани“.
Познатиот коментатор се осврна и на успесите на Усик во кариерата во која заблежа 23 победи.
„Два пати ги победи Фјури и Еј Џеј, го победи Дубоа. Ги победи сите во полутешка категорија. И сега треба да кажете дека тој е еден од најдобрите на сите времиња. И не само тоа, сега ужива огромна репутација во светот и во спортот. И тој е секогаш за својата земја“, истакна Адам Смит и додаде:
„Тој е голем амбасадор. Тој беше на првата линија на фронтот за неговата сакана Украина. Зборува со војниците, тој е неверојатен знаменосец за својата земја. Прекрасен модел. Сака да продолжи со боксот, затоа што го сака. Но, исто така знам дека сака да ја инспирира следната генерација и сака да им помогне на децата на иднината во сè што прави“.