Скопскиот Таеквондо клуб Корио во последно време има забележителни резултати на меѓународните турнири во регионот и кај нас, при што членови на клубот остваруваат пласмани со кои тропаат на вратата на репрезентацијата. Така, најситакнат поединец на клубот е Иван Ѓоргиовски, сениор кој се натпреварува во категоријата до 87 килограми.
Клубот постои девет години, а поради коронавирусот, како и сите други спортови, имаше застој, но сега се активираат.
Корио ја започна сезоната со настапот на „Зрењанин опен“ во Србија, турнир со преку 700 натпреварувачи, а со двајца натпреварувачи освои еден бронзен медал. Иван Ѓоргиовски го освои бронзениот медал, губејќи со тесен резултат од првиот во категоријата, а Александар Ангеловски (- 33 кг, кадет) прикажува одлична борба.
Од „Милениум“ во Вршац Иван Ѓорѓиовски (сениор, +87 кг) се врати со златен медал, притоа забележа две победи со нокаут, додека Михаил Ангелевски (кадет, – 61 кг) се закити со бронза, а Александар Ангелевски и Александар Цветковски покажаа одлични борби и ветуваат во иднина одлични резултати.
Минатиот викенд, на домашен терен, Корио учествуваше на Меѓународниот турнир „Скопје опен“ и со 22 натпреварувачи освои 18 медали – 2 златни, 5 сребрени и 11 бронзени.
„На овој турнир нашиот клуб им даде шанса на најмладите членови на кои им беше прв турнир и истите го покажаа својот потенцијал. Од младите се издвоија: Дамјан Цветановски – златен медал (прв турнир), Софија Оташевиќ, Емилија Костовска и Ангел Мицевски кои освоија сребрени одличја.
Највредното одличје за нашиот клуб го освои сениорот Иван Ѓоргиовски (- 87 кг), златен медал, кој имаше за задача да го совлада Дамјан Трајковски од ТК Кобра“, вели тренерот Јане Стојчевски и додаде:
„Исто така одлични борби и резултати забележаа и кадетите Александар Ангелевски (кадет), Михаил Ангелевски, Александар Цветковски и Дамјан Ѓеорѓиевски кои беа трети“.
Наредни предизвици на Корио се Меѓународниот турнир „Астерикс“ со над 1900 натпреварувачи и домашниот турнир „Охрид опен“, каде што очекуваат одлични резултати.