Откако Комисијата за спорт при Општина Штип ги одреди најдобрите спортисти во 2017 година не стивнуваат реакциите на нејзина смета, прво реагираше кикбоксерката Викторија Варадинова, а сега и Бобан Данов, кој мината година имаше забележителни резултати на меѓународната сцена во повеќе боречки спортови.
Да потсетиме, дека Данов настапи на Светското првенство во самбо во Сочи, Русија, каде што оствари пласман меѓу првите осум самбо борачи во светот. Самбото е поранешен олмписки спорт кој во најскоро време пак ќе се врати на програмата на Олимписките игри. Овој резултат во дебитантскиот настап беше забележан во конкуренција на 20 борачи од светот во најатрактивната категорија над 100 килограми.
На Европското првенство во кураш во Истанбул-Турција во категоријата над 100 килограми го освои сребрениот медал.
Додека на Светското првенство – Казак кураси во апсолутна категороија во Астана, Казахстан, каде што наградата за првото место беше 100.000 евра, Данов извојува две победи во дебитантскиот настап во овој спорт кој е сличен на самбото. Медалот му избега по две победи над претсетавниците на Израел и Индија, а со казнен поен загуби од Полјак, чиј базичен спорт е џудото. На ова Светско првенство учествуваа 40 земји.
Не можат да се избегнат и пеливанските турнири на кои имаше забележителен успех.
Сето ова Комисјата за спорт на Општина Штип не го забележа. Зошто, останува нејасно!
„Оваа година ќе се потрудам да постигнам уште подобри резултати. Планирам да се вратам и во борењето. Имам понуди од повеќе домашни клубови, како и од матичниот Балканец. Времето ќе покаже дали моите резултати се вредни или не, и дали можат да бидат подобри“, вели поранешниот репрезентативец во борење Бобан Данов.
Ipon.mk/В.Д.