Кирил Лазаров, капитенот на сениорската машка ракометна репрезентација и првиот женски тениски рекет, Лина Ѓорческа, се прогласени за најдобрите спортисти на Македонија за 2016 година во изборот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Од боречките признанијата отидоа кај картистите: Моника Пендароска – најдобра млада спортистка, женскиот каратетим во борби-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј – Скопје“ – најуспешен универзитетски спорт и Карате федерација на Македонија – најуспешна национална федерација.
Ова за Кире е трето вакво признание, а во битката за позицијата број еден беше подобар од Емил Павлов (карате), Милан Кубин (кик-бокс) и Никола Ѓорѓиев (одбојка).
„Оваа награда за мене е огромна чест. Имавме зад нас во ракометот една турбулентна година, но и на грешките учиме, потенцијал имаме, знам дека Македонија не треба да се грижи за својата ракометна иднина, носиме во нас една сплотеност, па верувам дека ќе стигнеме до нови успеси во 2017 година“, рече Лазаров по добивањето на признанието.
Лина пак дојде до оваа награда благодарение на одличните резултати, освоени титули, големиот скок на ВТА листата, а оваа година дојде и до својот прв настап на грен слем турнирите и тоа на Ју-Ес Опен плус дебитираше на ВТА турнирите.
„Благодарам за наградата и на сите за огромната поддршка која ја добивам. Се надевам дека во иднина ќе продолжам со уште позначајни успеси на тениското поле. Им посакувам успех и на нашите млади фудбалери на Европското првенство во Полска“, истакна Ѓорческа.
За најдобар млад спортист беше прогласен ракометарот на Металург, Филип Талески, додека пак каратистката Моника Пендароска го доби признанието за најдобра млада спортистка.
Каратистките Наташа Стефановска и Моника Пендароска истканаа дека за нивните успеси најзаслужен е тренерот Бошко Заборски.
Претседателот на КФМ, Драги Стојановски, нагласи дека целта на каратето е да постигне резултати како најтрофејните македонски олимписки спортови – борењето и боксот, но прво ќе треба да се изборат норми за Олимпијдата во Токио 2020.
Најдобрите во македонскиот спорт за 2016 година:
Најдобар спортист: Кире Лазаров (ракомет)
Најдобра спортистка: Лина Ѓорческа (тенис)
Најдобар млад спортист: Филип Талески (ракомет)
Најдобра млада спортистка: Моника Пендаровска (карате)
Најдобар спортист на лице со инвалидитет: Оливера Наковска – Бикова (стрелаштво)
Најдобар тренер: Благоја Милевски (фудбал)
Најдобар машки национален тим: Фудбалска репрезентација до 21 година
Најдобар женски национален тим: Ракометна репрезентација
Најдобра национална спортска федерација: Карате федерацијa
Најдобар училишен спортски клуб од Основни училишта: ОУ Гоце Делчев, Општина Илинден
Најдобар училишен спортски клуб од Средни училишта: ОУ Гоце Делчев, Куманово
Најдобар колектив во универзитетски спорт: Женски карате-тим од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј – Скопје”
Ipon.mk/В.Д.