На денешната свечена церемонија во големата сала на Советот на Град Скопје, официјално беа доделени наградите за најуспешните спортистки, спортисти и тренери на Град Скопје за 2024 година. Оваа важна манифестација беше организирана од Сојузот на Спортови на Скопје под покровителство на Град Скопје.
Во категоријата најуспешни спортисти во младинска категорија, за најуспешен беше прогласен Силвио Мировски (кик бокс), второто место му припадна на каратистот Стефан Стојановиќ, додека третата награда ја освои Витомир Трајковски.
Листата од десет најуспешни ја комплетираат пливачот Никола Ѓуретановиќ, каратистот Данило Божовиќ (карате), Максим Митровски (кик бокс), Ива Богдановска (џудо), Петар Дамјаноски (мечување), Огнен Бундалески (мечување) и Јосиф Малински (триатлон).
Во сениорска категорија, првата награда му припадна на Бобан Илиоски (кик Бокс), втор најуспешен е атлетичарот Дарио Ивановски, додека трет е шахистот Тони Лазов. Листата од десет најуспешни ја комплетираат Милијана Рељиќ (таеквондо), Михаела Мишовска (карате), Андреас Трајковски (атлетика), Петар Заборски (карате), Стефан Михајловски (кик бокс), Симона Заборска (карате), Петар Спасеновски (карате).
Во категоријата најуспешен тренер, признанието го доби Дејан Митровски од Кик бокс клубот „Шампион“, додека во категоријата лица со попреченост, наградата ја освои Стоилко Стоицев – планинарски спорт за искачување на врвови над 6.000 метри.
За категориите најуспешен спортист-странец и најдобра екипа, поради недостаток на високи резултати од странски спортисти кои настапуваат за скопски клубови, како и недостаток на врвни резултати на спортски клубови во овие категории, не беа доделени награди.
На добитниците им беше доделена и парична награда со вкупен фонд од 150.000 денари, како признание за нивните достигнувања и успешни резултати во текот на годината.