Извршниот одбор на Карате федерација на Македонија (КФМ), на последната седница во очи на преодниот рок, кој почна од 15 и ќе трае до 30 јуни, направи измени во Правилникот за регистрација на карате клубови и натпреварувачи.
Ова како да навестува раздвижување во преодниот рок кај сениорите, пред се на репрезентативците. За сега има најави за трансфери за детска возраст и кај кадетите.
Сепак, по малку е чудно пред самиот преоден рок да се менува Правилникот или, пак, можеби треба да се постигнат одредени цели.
Фактички, се менува и дополнува Правилникот за регистрација на карате клубови и натпреварувачи во КФМ донесен на 17 декември 2010 година.
Направена е промена во член 16, каде што се додава нов став 5 кој гласи: „договор не го доставил до КФМ заради евиденција, во тој случај Комисијата ќе постапува како да не постои договор“.
Во член 20, по став 3, се додадени нови ставови 4, 5, 6 и 7 кои гласат со кои „обврската за плаќање на обештетување од став 2 од овој член, не постои, доколку матичниот клуб во кој натпреварувачот членува и е регистририран, на натпреварувачот не му ги плаќал трошоците (патни трошоци, хотелско сместување и исхрана) за учество на натпревари предвидени со календарот на КФМ, ниту му исплаќал стипендии и награди, пред поднесување на пријавата за пререгистрација, и тоа за период од 2 (две) години за сениори, односно 1 (една) година за помлади кадети, кадети, јуниори и јуниори до 21 година, а за што на Комисијата и се доставува писмена документација“.
Потоа се наведува дека роковите од став 4 на овој член, мораат да бидат без прекин и контуниирани, а регистрацијата ќе се врши во преодниот рок предвиден со Правилникот. Од друга страна, е донесен став кој е во колизија со законската регулатива во нашата земја: „При регистрација на натпреварувачи во смисла на став 4 од овој член, не се навлегува во правата кои произлегуваат од меѓусебните граѓански договори“.
За пререгистрација на натпреваруивач Комисијата за регистрација донесува писмено решение во рок од 3 дена од поднесување на пријавата. Против решението може да се поднесе приговор до Извршниот одбор на КФМ, во рок од 3 дена од приемот на решението, а Извршниот одбор донесува одлука по приговорот во рок од 5 дена, која е конечна.
Направени се промени и во делот на обештетувањето при премин на натпреварувачот од клуб во клуб.
Ipon.mk/В.Д.