Катерина Николоска, прв судија со интернационална „А“ лиценца во џудо: Сега може да судам натпревари на светско ниво

Катерина Николоска неодмана се стекна со интернационална „А“ судиска лиценца во џудо. Ова е едно од највисоките судиски достигнувања на наш судија, а меѓу избраните е и на Балканот.

Во моментов таа е 33-то рангиран судија во Европа, што доволно зборува за нејзината сериозност и квалитет да биде во врвот.

„Полагањето на лиценцата се одржуваше во Калгари, Алберта, Канада од 11.09 до 17.09.2023 година. Самото полагање го сочинуваше задолжително присуство на дводневен светски џудо семинар предводен од Даниел Ласкау (хед рефери директор за Светската џудо федерација). Вториот дел од полагањето беше полагање на писмен тест од судиските прашања и интервју. На крај, третиот дел беше практичниот дел, односно судење на Континенталното Панамерканско и Океанија првенство, објасни Николоска како стигнала до судиската А лиценца.

Каков беше патот до лиценцата?

-Патот до лиценцата беше како продолжување на спортската кариера. Да бидеш судија во џудо на татамите е како да си „третиот борец“. Судијата мора да е добро технички поткован, мора да го владее спорот, мора да ги знае правилата во целост, мора да е максимално концентриран и фокусиран на натпреварот, мора да е во тек со новите промени и накрај, мора да има храброст да додели казна подеднакво исто на натпреварувач кој е светски жампион и почетник.

Какви се твоите амбиции во судискиот дел?

-Моите амбиции се големи, како и секогаш.Имам високо поставена цел. Работам на истото и на себе. А остварувањето на плановите ќе дојде како шлаг на сето вложено.

Колку ти значи фактот дека си меѓу малкумината од Балканот кој имаат А лиценца?

-Весели фактот дека сум дел од Интернационалната судиска комисија. Со полагањето на оваа лиценца се здобивам со право да судам натпревари не само континентално ниво, туку и на светско ниво, како Светски првенства, Гранд при, Гранд слем, па и преку одреден систем и до Олимписки игри.

Преку полагањето на судиската лиценца во Македонија, исто така и со стекната лиценца во Хрватска, стигнав до полагање за континентална лиценца во 2018 година во Прага. По 5 години активно судење на европскиот континент преку државни првенства, европски купови и секоја година делегирана на европски првенства успеав да се искачам на 30-тата позиција на европската ранг-листа, за што сметам дека е одличен резулатат за нашата земја. Не смеам да го заборавам фактот дека на таа ранг-листа бев првата со континентална лиценца со одлични оценки. Пред мене сите 29 судии се веќе судии со А лиценца и судат светски натпревари подолго време. Од тој прогрес дојде и идеjата за полагањето на оваа интернационална лиценца.

Што ќе им порачаш на помладите колеги и џудисти?

-На младите џудисти им препорачувам да бидат упорни, да не се откажуваат на првите препреки, да се занимаваат со спорт и доколку не се порнаоѓаат во натпреварувачкото џудо, а го сакаат, да вложуваат во себе и во своето знаење. Не значи дека ако тренираш дека мора да бидеш светски првак. Има и други сфери во спортот, конкретно џудото (доколку се трудиш и го научиш) каде што можеш да се истакнеш како: ката првенства, судење, компјутерска организација па се до водење на натпревари.

Според информациите, со ваква лиценца немало судии во нашата земја. Колку е важно Македонија да има судии од највисок ранг?

-Да, тој податок е точен. Прв судија сум во џудо за Македонија со ваква Интернационална лиценца. Тоа е нова историја за нас. Важно е за една земја да е застапена во спортот, како со натпреварувачите и спортските успеси, така и со судиски лица, а исто така еден ден со членови во круговите европската или светската организација во џудото. На тој начин се афирмираме, се докажуваме и ја отвораме вратата за нови проекти инвестиции. Исто така се афирмира џудото во државата, како еден базичен спорт за младите. Мислам дека џудото во Македонија е тргнато во нагорна линија што покажува и фактот дека оваа година бевме домаќини и на првиот Европски јуниорски куп и тренинг камп во Скопје. И, драго ми е дека ја отворивме вратата и кон такви организации. А, бидејќи во спортската кариера немав можност да се натпреварувам на евопрски куп во својата земја, сега ми беше огромна чест и задоволство да судам на домашен терен пред домашна публика, а уште поголемо задоволство што нашите млади спортисти имаа прилика да ги дочекаат своите врсници и да ги делат татамите заедно на домашен терен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON