Каратистите се оптимисти, веруваат дека ќе обезбедат олимписка норма во Париз

Македонските каратисти утре патуваат за Париз на квалификациите за Олимписките игри во Токио од 11 до 13 јуни.

За Македонија ќе настапат: Емил Павлов (-67 кг), Петар Заборски (-75 кг), Берат Јакупи (+75 кг), Симона Заборска (-55 кг), Вероника Костовска (-61 кг) и Ангела Мојсовска (+61 кг) во борби и Пуликсенија Јованоска во кати.

Ова е голем предизвик за сите каратисти во светот, бидејќи за прв пат во историјата карате спортот ќе биде дел од Олмписките игри, така што ова е голема инспирација и за нашата репрезентација. Посебно, ако се има предвид дека на наредните Олимписки игри во Париз 2024 година каратето нема да биде дел олимпиското семејство.

Ги прашавме нашите репрезентативци за нивните очекувања, предизвикот и тешката конкуренција.

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов вели:

„Ме очекува тежок турнир во Париз. Конкуренцијата е на највисоко ниво, 72 натпреварувачи од целиот свет, но јас верувам во себе и во трудот што го вложив изминатите години.

Добро ги познавам скоро сите натпреварувачи, посебно најдобрите. Некои од нив ги имам победено а имам и изгубено.

На Европското првенство сам си направив притисок и бев без потреба оптоварен со тоа дека морам да земам медал и со тоа изгубив во првото коло. Затоа, овие две недели работев на психичкиот дел и мислам дека ќе се покажам во многу подобро издание.

Јас ќе го дадам својот максимум, без притисок и оптоварување, за да си го остварам мојот сон а тоа е настап на Олимпијада.

Имавме успешни подготовки во Скопје. Голем дел од младите репрезентативци дојдоа да ни помогнат да се подготвиме подобро. Имавме и контролни борби со судење, при што на располагање ни беа нашите најдобри судии. Се надевам дека ќе избориме норма за Олимпијадата во Токио“.

Младата и надежна каратистка Ангела Мојсовска вели дека секој сонува да ги доживее искуствата и спомените кои со себе ги носат Олимписките игри.

„И покрај тоа што мојот спорт не беше дел од таа фамилија на спортови, растев со мечти и желби за присуство на едно такво натпреварување. После толку години за прв пат, а можеби и единствен, каратето доби шанса да остави трага во историјата. За не помалку од една седмица пред нас претстои последниот квалифилциски турнир за обезбедување на директна виза за овогодинешните Олимписки игри. Ја имам честа, како најдобра во својата категорија да бидам избрана во истата и да учествувам на овој квалифилациски турнир. Свесна сум дека нема да биде лесно. Секој од нас долго го чека овој момент. Сите горат од желба, но нека победат најдобрите. Борбата во карате е непредвидлива и најнеочекуваните изненадувања се токму на крај. Подготвена сум  и можам да ветам дека ќе го дадам својот максимум на татамите и ќе се борам до последната секунда“, истакнува Мојсовска.

Поради правилата кои ги налагаат Олимписките игри, укажува Ангела, на ова првенство категориите ќе бидат споени од пет на три, а со самото тоа и конкуренцијата ќе биде многу поголема. Но, тоа не значи и дека е непобедлива. Учесниците се веќе познати. Најважно е никој да не се прецени, ниту потцени, сета таа.

„Со мојот матичен клуб Макпетрол заеднички се подготвувавме. Три натпреварувачи од нашиот клуб успеавме да се избориме за шанса за учество на овие квалификации, а тоа сме јас, Симона Заборска и Петар Заборски. Што е показател дека работиме со полна пареа. Формата е веќе на ниво и неуморно работевме на последните финеси. Позитивната енергија меѓу нас е тоа што најмногу ни дава сила и мотив за уште поголема работа и успеси. Работиме сите како еден.

Верувам и се надевам дека ќе успеам да се закитам со медал на престојното првенство и ќе изборам норма за настап на Олимписките игри“, категорична е Мојсовска.

Вероника Костовска, која е голем потенцијал на македонското карате, вели дека се значајни квалификациите, бидејќи за прв пат има можност да се избори норма за Олимпијадата и да се врежат себеси и државата со златни букви во историјата.

„Искрено, можам да ветам дека ќе дадам максимум во секој поглед, бидејќи психо-физичката подготвеност е на високо ниво. Тоа се должи на добрата припрема во мојот матичен клуб Олимпик. Голема благодарност до моите тренери Кристијан и Александар и моите клупски другари кои несебично ми даваат поддршка и стојат зад мене во секој чекор, од подготовките и со мене ги делат сите моменти. Конкуренцијата е таа што е, бидејќи мојата категорија не е споена со ниедна друга ги знам речиси сите. Тактичкиот дел е подготвен , не се плашиме од никого, бидејќи сите што се таму вежбаат и имаат мотив исто како и нашиот, олимписка норма. Подготвени сме за се и секого. Имавме и заеднички подготовски со репрезентацијата со нашиот селектор Сашко Арсовски. Бевме сите што ќе одиме за Париз. Тука беа и помладите колеги за да ни помогнат. Се помина во најдобар ред и во одлична атмосфера“, уверува Костовска.

Симона Заборска која на неодмана завршеното Европско првенство во пореч беше седмопласирана и беше најуспешна од македонските каратисти гори од желба да се докаже на големата сцена во Токио.

„Среќна сум што сум една од многуте кои се борат за квалификации на Олимписките игри. Секако, мотивацијата е навистина голема за овој настап, бидејќи во оваа тешка година, кога буквално целиот свет беше затворен поради корона-кризата, ние професионалните спортисти не се откажавме од тренинзите и во континуитет ја одржувавме спортската форма и се надградувавме секојдневно“.

Нашата најдобра каратистка во кати Пуликсенија Јованоска верува во себе и во предизвикот за натпревар на Олимписките игри во Токио.

„Очекувам да покажам дека Македонија во кати може да се носи со големите сили во светот. Сум докажала во Европа, тука ќе биде ужасно тешко. Каратето за прв пат, можеби и единствен, доби шанса за настап на Олимписки игри, затоа свесна сум дека треба да се изборам против натпреварувачки од големата Франција, тука се Турција, Иран, Германија, Виетнам, држави кои пред се сé моќни со лоби и судии.

Кати е дисциплина во која големо влијание има „грбот”. Јас сум во најдобра форма, завршив со последниот тренинг денес, се чувствувам одлично, можам да ветам дека ќе го дадам својот максимум, ќе одлучуваат нијанси. Сепак, конкуренцијата е најтесен круг, најдобрите 50 од светот. Верувам во себе, имав силни подготовки заедно со селекторот и тренер Стојан Андриевски и кондициониот тренер Златко Јанакиевски. Знам за што се спремав, подготвена сум и едвај чекам да настапам“.

Петар Заборски кој секогаш знаел да го даде максимумот кога е најтешко верува во успех на овие квалификации.

„Секако дека сме среќни за овој историски настап, а мотивацијата е уште поголема, бидејќи сме во една силна конкуренција, каде ќе одат само најдобрите. Нашата физичка и ментална подготовка трае подолго време, и тоа во време на пандемија, па последните подготовки беа круна на целокупниот тренажен процес изминативе месеци. Со спортска среќа и физичка подготвеност се надеваме на добар пласман и успех за претстојната Олимпијада“, вели Заборски.

Не помалку од 24 спортисти ќе заработат директни норми за Токио 2020. Најдобрите тројца спортисти на крајот од настанот во секоја од осумте категории ќе се пласираат на Олимписките игри.

Се очекува околу 800 спортисти од целиот свет да се натпреваруваат за олимписките квалификации во Париз.

Категории:

Женски кумите -55 кг, -61 кг, +61 кг

Машки кумите -67 кг, -75 кг, +75 кг

Машки и женски кати

Фото: ФБ

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON