Во четвртокот се одржа прекрасен заеднички тренинг во Карате клубот Центар предводен од поранешната репрезентативка Сања Николиќ и Бојан Богдановиќ со репрезентативците на Специјалната Олимпијада на Македонија. Сенсеи Зоран Пејов од КК Пејов беше специјален гостин на тренингот.
Тренингот е дел од проектот „Спорт за општествена акција“ за градење капацитети, финансиран од Европската унија под програмата Еразмус +, а имплементиран од Младински сојуз -Крушево.
Главна цел на проектот е да се подигне капацитетот на вклучените организации за промовирање на социјална инклузија и волонтерство преку спроведување спортски активности и услуги директно вклучувајќи млади луѓе со интелектуална попреченост и да се користи спортот како двигател за социјалната инклузија.
Во проектот се вклучени партнери од Македонија, Романија, Грција и Словенија. Во наредните 12 месеци, Младински сојуз – Крушево, како водечка организација заедно со партнерските организации од Романија (ЕуроДЕМОС), Грција (ИнтерАлиа), Специјалната Олимпијада од Словенија и Специјалната Олимпијада од Македонија ќе реализираат транснационални активности и активности на национално ниво. Ќе се одржат дебати (тркалезни маси) и ќе се развиваат иновативни практики како Инклузивно волонтерство 1 + 1 и кампањи за подигнување на јавната свест.
Ipon.mk