Карате со срце: Собрани 33.000 денари за поддршка на настраданите од пожарот во Кочани

На 9 април 2025 година, салата на македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј“ во Вилобрук, Илиноис, се претвори во симбол на солидарност, надеж и хуманост. Под покровителство на Милошевски маршал артс (ММА) се одржа хуманитарен кумите карате семинар, со цел да се помогне на жртвите и повредените од трагичниот пожар во Кочани, Македонија. Во текот на настанот беа собрани 33.000 денари, средства кои ќе бидат префрлени преку платформата www.supportkocani.com, со надеж дека ќе им обезбедат барем малку олеснување на погодените семејства.

Овој настан беше многу повеќе од обичен семинар – беше порака на љубов, човечност и заедништво.

Сенсеи Дејан Милошевски, основач на ММА, светски карате судија, амбасадор на мирот за Македонија и долгогодишен промотор на карате вредностите во САД и пошироко, беше домаќин и организатор на овој исклучителен настан. Со својата инспиративна енергија, длабока љубов кон родната земја и посветеност кон младите генерации, уште еднаш покажа дека карате е многу повеќе од спорт – тоа е животна филозофија.

Специјални гости беа американските карате шампиони со македонски корени:

Сенсеи Кристијан Танески – двократен национален првак во САД, петкратен ААУ шампион, вицешампион на ПКФ (Пан-американска карате федерација) и кандидат националниот тим на САД. Со карате техники и вежби, внесе страст и посветеност, охрабрувајќи ги младите да бидат борци – не само на татамито, туку и во животот.

Сенсеи Антонио Танески – национален првак на САД, медалист на УСА опен и бронзен медалист на Мексиканскиот куп. Со својата харизма, посветеност и енергија, беше вистинска инспирација за сите деца кои учествуваа на семинарот.

На семинарот учествуваа 25 деца, кои тренираа со срце, знаејќи дека нивната енергија и труд овојпат имаат повисока цел – помош за Кочани.

„Ова не беше обичен семинар – ова беше порака до Кочани: Не сте сами“, рече сенсеи Дејан. „Преку каратето се обединуваме – како семејство, како народ, како луѓе. Секој удар, секоја борба, секој чекор е симбол на нашата солидарност. Каратето уште еднаш покажа дека неговата најголема сила не е само во техниката, туку во љубовта, единството и човечноста.

Од срце им благодариме на сите што донираа, учествуваа и поддржаа. Кочани – со вас сме, сега и секогаш“!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON