По историската одлука од страна на Меѓународниот олимписки комитет на 129 сесија во Рио де Жанеиро КАРАТЕТО да биде примено во олимпиското семејство и ставено на програмата на Олимписките игри во Токио 2020 година, еуфоријата не стивнува. Карате спортот е најтрофеен во овие 15-тина години во Македонија и затоа надежите се големи.
Оваа одлука се однесува само карате федерцаиите кои се членки на Светската карате федерација (ВКФ/WKF).
Претходно ги слушнавме мислењата на канидадтите за настап на Олимпијадата во Токио, кои изразија голем оптимизам. На истите прашања побаравме одговор и од тренерите и оние што ги освоиле значајните медали за Македонија.
На 3 август на 129 сесија каратето е избрано за олимписки спорт, нешто за што сонуваа милиони каратисти во светот.
Какво е чувството кога си рамноправен спорт со останатите спортови?
Сега ќе ги нема изговорите на душегрижниците „ајде бе, ги има 100 федерцаии“, не се олимписки спорт.
Што ќе им порачате на досегашните омаловажувања на успесите? Какви се Вашите амбиции како тренери?
Петар-Пеце Белистојаноски – тренер на сениорската репрезентација.
„Голем момент за карате спортот. Учеството на Олимиските игри во Токио 2020 е нешто за што сонуваа многу генерации каратисти. Се надевам дека и по ОИ 2020 каратето ќе остане во олимпиското семејство.
Сега сме рамноправни со сите други спортови, а со тоа и одговорноста е многу поголема. Македонија располага со квалитетни генерации каратисти кои можат да одговорат на предизвикот наречен Токио 2020. Иако ќе биде ѓаволски тешко да се стигне на Олимпијада (од 5 категории ќе се намалат на 3 машки и 3 женски, со по 10 натпреварувачи во категорија). Сепак, се надевам и верувам со програмирана-континуирана работа Македонија ќе има учесници со норма во Токио, а тој што ќе избори норма ќе се бори за медал на ОИ. Сега сите светски федерации и држави ќе го зголемат вниманието и буџетот за каратето, а и ние максимално ќе се ангажираме на секое поле и со имиња како Павлов, Јакупи, Арсовски, Несторовски, Цветковски, Смаилагиќ, Келебиќ, Црничиќ, Ристески, Стефановска, Заборска, Радичевска и помладата генерација која доаѓа Спасеновски, Заборски, Исмаил, Костовска, Пендаровска и доста други, ми даваат за право да верувам дека некои од нив ќе изборат норми и од Токио ќе се вратиме со медал“.
Мирче Јанушевски – тренер на КК Металург и на многу медалисти во карате спортот.
„Што се однесува за досегашните омаловажувачи, ако се вистински љубители на спортот ќе сфатат и конечно самите ќе се уверат дека грешеле во недостаток на вистинско претставување на карате спортот од страна на најзадолжената за тоа КФМ. Истите, по минатогодишниот успех на 1-те Европски(олимписки) игри во Баку, каде што од 45 спортисти од Македонија од сите поединечни спортови беа донесени само 2 медали од исто толку каратисти учесници (во кој настан беа вперени очите на целокупната спортска јавност), верувам дека веќе со други очи гледаат на карате спортот.
Што се однесува на другите дежурни омаловажувачи, кои само од ним познати причини ги негираат досега постигнатите резултати, тие и во иднина ќе го прават истото. Меѓутоа, сега карате спортот ќе има друга позиција како олимписки спорт и интересот на спортската јавност ќе биде зголемен што ќе резултира со поголема присатност во медиумите така да тешко ќе им биде неаргументирано да омаловажуваат.
Во врска со тоа дали Македонија може да се надева само на норма или и на медал, ќе бидам искрен и прво што ќе кажам е дека ќе биде многу тешко да се постигне норма, а усте потешко да се освои и медал. Карате спортот, за разлика од претставата која ја создадаваа и создаваат дежурните омаловажувачи е спорт во кој со многу труд и работа тешко се постигнаа досегашните резултати.
Меѓутоа, досега Македонија има освоено само еден бронзен медал во борби на Светското првентво за сениори одржано во Белград во октомври 2010 година во тешка категорија од Жарко Арсовски. Да не заборавиме дека бројот на категории во борби од 5 е намален на 3, што додатно ќе го отежне постигнувањето норма и секако освојувањето медал. Сето ова бара друга многу посериозна поставеност и посветеност на КФМ во подготовка на своите натпреварувачи за настап на олимписките игри“.
Арлинд Хусеини – тренер на репрезентацијата до 21 година.
„Се разбира дека каратето заслужува да биде рамноправен спорт, затоа што последните 10 години имам врвни резултати во карате спортот во мегјународно ниво. Спорт кој што е номиниран за најдобар и најорганизиран, затоа верувам оти на 3 август ги замолчавме сите оние кои навистина не ни посакувале добро: дека сме биле многу федерации, иако сме се докажале на европско, светско, па и на Европските олимписки игри.
Амбициите! Прво треба контуинирано и напорно да се работи. Верувам дека, како и секогаш, амбициите на каратистите се само медал и ништо друго! Така што, јас верувам во работата која ја работиме и мислам само на резултати.
Нормално дека се очекува од каратистите на Македонија да освојуваат медали. Ќе повторам дека се докажавме и на Европските ОИ во Баку, Азербејџан, од каде што за успехор сведочат две бронзи и мислам дека тоа е доволно да покаже дека сме сериозни во работата во сала и преку ова Федерација и овој претседател ќе ги постигнеме врвни резултати и на ОИ“.
Златко Димоски – тренер на репрезентацијата во кати.
„Кој вреди тоа го докажува со работа и труд..Ние го пронајдовме и опстоивме на нашиот пат. Продолжуваме понатаму“.
Елвир Куртановиќ – првиот европски шампион во независна Македонија и тренер на КК Кеикс.
„Нека ни е со среќа. Очекувањата на милиони каратисти се остварија. Каратето преставувано од ВКФ, која во минатото а и сега е единствен партнер на ИОК, се приклучи кон олимпиското семејство. ВКФ е федерација во која активно учествуваат 192 земји каде што единствена членка е Карате федерацијата на Македонија. Рејтингот на КФМ во ВКФ е голем поради добрите резултати кои во континуитет ги има во сите старосни категории, што многу добро и е познато на спортската јавност во Македонија.
Секако, очекувањата се големи и реални, во што и МОК се увери на Европските олимписки игри во Баку, каде што каратистите, единствени со исполнета норма, се вратија со медали. Можам само да кажам дека КФМ има каратисти кој веќе сериозно гледаат кон вратата на Олимпијадата 2020 година која ќе се одржи во лулката на карате спортот Токио-Јапонија.
На крајот, само да и поскам на Македонија да учествува на Олимпијадата во Токио 2020 година со спортисти со исполнета олимписка норма, што е желба и цел на каратистите од Македонија“.
Јован Лазарев – тренер на КК Цветан Димов и поранешен претседател на КФМ.
„Со оваа одлука стана јасно која е вистинска карате федерација, а кои се квазифедерации. Според истражувањата кои ги напарави Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), 98 отсто од каратето е обединето во Светската карате федерација (ВКФ). Вреди ли да се разговара за тие 2 проценти? Нашата Агенција за млади и спорт треба да го согледа тоа.
Патот до настапот на олимписките игри е тежок, а до медал уште потежок. ИОК одлучи да го намали бројот на тежинските категории од пет на три, бројот на учесници во категорија е осум, така што ќе биде ужасно тешко да се обезбеди настап на Игрите. Не треба да се става знак на еднаквост меѓу Европските игри во Баку, каде освоивме две медали и Токио. Во Баку беа пет категории и беа само европски игри, а не светски.
Но, без оглед на се, чувството да се биде олимписи спорт е извонредно. За тоа сонувавме повеќе од четириесет години. Ние како стручни лица ќе сториме се за да успееме и да донесеме успех на нашата држава. Но се не зависи од нас. Треба да се обезбедат услови за тренинг и настапи на нашите спортисти на големите светски натпреварувања. Не е доволно МОК да додели три-четири стипендии и тоа автоматски да значи гаранција за успех. Пред се, треба да се подобрат условите за тренинг, бидејќи сега рработиме во повеćе од скромни услови. Треба да се комплетираат стручните тимови со тренер, кондиционен тренер, психолог, фзиотерапевт, нутриционист, доктор. Петнаесетина натпреварувачи треба да настапуваат на најјаките турнири, и тоа на сите десет турнири на Премиер лигата. Тие постојано да бидат со светската елита. Сега големите спортски сили како САД, Русија, Јапонија, Германија, Турција и другите ќе вложат десет пати повеќе средства отколку досега. А, се знае дека сегашниот буџет за карате на тие држави е пет до шест милиони евра. Како можеме ние да се носиме со нив, кога нашата Агенција за карате издвојува десет до дваесет илјади евро годишно.
За крај, предизвикот е пред нас, ќе сториме се за да успееме“.
Назим Куртовиќ, тренер на КК Вардар и поранешен селектор на репрезентацијата.
„Откако е формирана Карате федерацијата на Македонија до денес во континуитет докажува дека е сериозна организација во која има сериозни професионалци и успех како на организационо ниво така и на натпреварувачко поле. Тоа досега, за жал, не беше доволно препознавано (со исклучок на последниве неколку години) од структурите кои одлучуваа за спортот во Македонија.
Откако, конечно, ИОК ја препозна макотрпната работа на сите каратисти на светот, се надевам дека целокупната домашна јавност ќе ја смени перцепцијата за нас и ќе ни го посвети должното внимание и почит.
Се разбира, очекувам сегашната генерација на нашите спортисти, но и генерациите што доаѓаат во иднина, да не се надеваат на покана за учество на ОИ, туку активно да учествувааат во битката, не само за норма, туку и резултат на Олимпијадата, бидејки за тоа имаме реални капацитети кои уште на наредната Олимпијада во Токио треба да бидат видени“.
Тамара Рибарска, освојувач на првиот сениорски медал во 2005 на ЕП во Шпанија со ката тимот (со Симона Тасевска и Ивана Димитрова) и тренер во Словенија.
„Нормално! Најтрофеен спорт досега е каратето, а сега со ОИ ќе биде уште потрофеен. Како во борби така и во кати. Секако, успехот во кати потешко се постигнува, ама младите работат сериозно и верувам во нив.
За тие што не омаловажуваат и не не ценеа како спорт само затоа што не бевме дел од ОИ, за мене не се спортисти и воопшто нема потреба да ги споменуваме. Секој спортист многу добро знае колку труд е потребен да се вложи за каков било успех, без разлика дали сме дел од олимпиското семесјтво или не. Сепак, каратето носеше медали од ЕП и СП. Да го оставиме минатото, сега пред нас е период во ќе докажеме дека сме вредни како спорт за ОИ.
Ова е историски момент за карате спортот“!
Текстот ќе се дополни…
Ipon.mk/В.Д.