Клубот Милошевски маршал артс во топ 10 клубови во Илиноис.
Изминатиот викенд каратистите од „Милошевски маршал артс“ предводени од тренер Дејан Милошевски имаа уште еден голем успех. На ААУ Централниот шампионат во Чикаго на кој учествуваа спортисти од американските држави: Илиноис, Индијана, Ајова, Кентаки, Мичиген, Њујорк и Висконсин, каратистите на Милошевски маршал артс освоија 21 медал -6 златни, 6 сребрени и 9 бронзени.
Изненадува фактот што оваа година клубот на Милошевски се вброи во топ 10 клубови, односно е рангиран на 9-то место од вкупно 30 клуба, кои настапија со околу 300 натпреварувачи. Ова е голем напредок, особено кога ќе се земе предвид дека претходната година беше рангирани на 14-то место.
„Натпреварот во Илиноис е едно од најголемите натпреварувања во нашата држава Илиноис. Овој пат нашиот натпреварувачки тим броеше 13 члена, од кои половината беа млади натпреварувачи на возраст од 4-8 години. За многумина од нив, ова беше прв или втор натпревар, сите имаа големи предизвици, стрес и емоции, но тоа не ги спречи да ги покажат своите способности и да го дадат најдоброто од себе тој ден. Иако натпреварот беше добро организиран, со 6 татами и околу 300 натпреварувачи, судењето овој пат не беше на исто ниво како претходната година, особено поради големиот број на млади судии кои не беа на ниво на задачата. Важно е да се нагласи дека ние имаме само 2 часа неделно додека другите клубови вежбаат дупло повеќе. Од неодамна во нашиот тим се приклучи уште еден карате инструктор кој се надевам дека ќе придонесе да имаме континуиран успех“, вели Дејан Милошевски и додава:
„Ме радува фактот што запознавме и други Македонци кои учествуваа на ова натпреварување, притоа разменивме контакти за идна соработка. Поводот за запознавање беше нашето македонско знаме кое единствено беше јавно поставено во салата, веднаш кај нашиот тим. Тоа е наша традиција, каде и да се натпреваруваме или судиме, секогаш да имаме истакнато македонско знаме.
На крајот сакам да се заблагодарам до сите родителите за нивната поддршка, и до нашите шампиони за овој голем успех на кој сум повеќе од благодарен“.