Повеќекратниот клупски карате-првак на Македонија Металург денеска во хотелот „Континентал“ во Скопје свечено и во присуство на голем број гости, спортисти, поранешни и сегашни членови на клубот, тренери, спортски функционери, новинари, кои допринеле во неговиот досегашен успешен развој полн со мноштво трофеи во поединечна и екипна конкуренција, го одбележа јубилејот 50 години постоење и успешна активност.
Клубот е формиран во 1969 година, а одбележувањето на јубилејот беше одложен три години поради пандемијата на ковид-19.
Во сите возрасни категории (кадети, јуниори, постари јуниори до 21 година и сениори), каратисти на Металург досега освоиле вкупно 58 медали на татамите.
„Металург во своето 50-дишно постоење, со својата активност, направи огромен резултат како на клупски, така и на поединечен план и со тоа многу допринесе за афирмација на каратето како спорт, но и на Македонија како држава. При тоа секој негов член од самиот почеток па до денес, вложи голем напор, каратето да стане еден од најтрофејните спортови во Македонија. Како клуб горди сме на тоа што го постигна Металург, а членот од овој клуб, каратистот Иво Цветковски го освои и првиот медал за македонското карате, сребрен од европските првенаства. Тоа се случи во Братислава 2007. Таа година Цветковски беше прогласен и за спортист на Македонија. Од другите позначајните резултати би ги спомнал, бронзата на Огнен Груевски на ЕП во Атина во 2010 година, бронзата на Мартин Несторовски на ЕП за сениори во Истанбул во 2015-та и бронзата на Европските игри во Баку во 2015 година, а не изостанаа ни медали и во кадетско-јуниорската конкуренција, како и во дисциплината кати. Одличја се освојуваа и на Универзијадите, ЕП за региони, Балканијадите… Се надевам дека во иднина ќе продолжиме во ист стил, а и со повеќе финансиски средства да создадеме повисоко ниво на услови за работа“, истакна меѓу другото во поздравниот говор, долгогодишниот и актуелен тренер на Металург, Мирче Јанушевски.
Oд Македонската унија на ветераните, поранешниот каратист Чедомир Садовски му врачи златна статуетка на Јанушевски за допринос во развојот на КК Металург.
Златна плакета и беше доделена на актуелната претседателка на клубот Снежана Сиљановска и на долгогодишниот спонзор, бизнисменот Минчо Јорданов.
Сребрени плакети од клубот им беа врачени на Саздовски и Мирче Опеловски. Признанија добија и првиот освојувал на златен медал во независна Македонија, Елвир Куртановиќ, весникот „Нова Македонија“, „Ремедика АД“, „ГП Бетон АД“, „РЖ Институт“, како и поранешните натпреварувачи, а сега тренери Киро Ѓорѓиевски, Гоце Петров, Амир Беговиќ, како и Назим Куртовиќ како каратист надвор од клубот.
На свеченоста заслужни признанија, златни и сребрени плакети им беа врачени и на членови на клубот кои освоиле медали од ЕП и СП. Потоа на поранешни каратисти-ветерани, на првиот тренер Стефанчо Крстевски, на Драган Грдановски, ракометниот клуб Металург, поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, Жарко Костовски, Општина Гази Баба, Карате федерацијата на Македонија (КФМ), Агенцијата за млади и спорт (АМС), Македонскиот олиписки комитет (МОК), спортски новинари и други.
На свеченоста гостите и спортистите, имаат можност да ја видат изложбата на досегашните постигнати спортски резултати на Металург остварени на татамите, а потоа да проследат и проекцијата на краток филм за постоењето и активноста на клубот од Автокоманда.