Мексиканската боксерска мегаѕвезда Канело Алварез треба да има две борби оваа година. Првата е договорена за 3 мај, кога на настан во Ријад ќе се бори против Кубанецот Вилијам Скул.
Нивната борба ќе биде меч за обединување на титулата во суперсредна категорија, а Канело (62-2-2, 39 КО) ќе ги донесе шампионските појаси на ВБА (Супер), ВБЦ и ВБО во рингот, додека Скул (23-0, 9 КО) ќе ја заложи титулата на ИБФ.
34-годишниот Мексиканец се враќа во рингот по пет победи во низа, од кои последната ја извојува во септември минатата година кога со едногласна одлука го совлада Едгар Берланга.
А Скул доби одлична можност откако минатиот октомври на настанот во Германија со едногласна одлука го победи Русинот Владимир Шишкин и ја освои испразнетата титула на ИБФ.
Канело нагласува дека едвај чека да го врати појасот на ИБФ и повторно да стане апсолутен шампион во суперсредна категорија.
„Мојата желба е повторно да станам неприкосновен шампион и тоа ќе го направам“, изјави неодамна Канело Алварез и додаде:
„Но, тој е шампион и навистина добар борец. Морам добро да се подготвам за да бидам апсолутно подготвен за таа борба“.
Доколку Канело ја постигне целта, тогаш во септември го чека мега-борба во која ќе ги брани титулите во суперсредна категорија против непоразениот Американец Теренс Крафорд, исто така еден од најдобрите боксери на денешницата.