Честа тема меѓу љубителите на ММА е изборот на најдобриот борец во светот. Во последниве години многумина се согласуваат дека шампионите на УФЦ Камару Усман во полусредна категорија и Александар Волкановски во перо категорија моментално се борат за тоа место.
И двајцата борци владеат со нивните дивизии веќе неколку години. Усман го победи Тајрон Вудли во март 2019 година и оттогаш го бранеше појасот пет пати, додека Волкановски го победи Макс Холовеј во декември 2019 година и оттогаш четири пати ја одбрани титулата.
Најголемата светска ММА организација смета дека Камару во моментов е најдобар и е на првото место во рангирањето „паунд фор паунд“ пред Александар.
„На секој борец му е тешко да го направи тоа што го направив, да победи три пати во годината во спектакуларни настапи кои привлекуваат огромно внимание. Погледнете само колку пари донесоа тие настани. Направив фантастична работа“, рече Камару Усман и продолжи:
„Моментално сум најдобриот борец, но имам уште тешка конкуренција. Волкановски е одлично момче и ми се допаѓа како борец. И Израел Адесања е исто така одличен. Тоа се моите момчиња“.
Во текот на кариерата Камару Усман доби 20 победи (14-0 во УФЦ), а има и еден пораз. Неговиот последен меч беше во ноември 2021 година, кога со едногласна одлука го победи Колби Ковингтон.
Пред десетина дена Александар Волкановски со победа ја заокружи трилогијата против Макс Холовеј. Во текот на кариерата Австралиецот со македонско потекло има 25 победи (12-0 во УФЦ), а има и еден пораз.