По повеќе од една деценија борби во октагонот на УФЦ Дастин Пориер (30-9) конечно го закажа својот последен танц – таму каде што сè започна; во неговата родна Луизијана. УФЦ официјално потврди дека настанот УФЦ 318 ќе се одржи на 19 јули во „Смути кинг центар“ во Њу Орлеанс, а главната борба на вечерта ќе биде третата борба меѓу Пориер и Макс Холовеј (26-8), за појасот БМФ.
Веста ја објави лично Пориер на настанот „Пет МекАфи“, во живо од драфтот на НФЛ во Грин Беј, кратко пред да го објави својот избор за Њу Орлеанс Сеинтс. – Сакав да биде дома. Да се борам за последен пат како професионалец пред сопствениот народ – рече „Дијамантот“, кој претходно навести дека ќе се пензионира откако загуби од Ислам Махачев во борбата за титулата во лесна категорија во јуни 2024 година.
Но, Пориер имаше два услови за прошталната борба – да биде во Луизијана и да се бори против легенда. УФЦ му ги исполни двата – и Макс Холовеј сигурно го стори тоа.
View this post on Instagram
Ова ќе биде трет пат Пореир и Холовеј да се сретнат. Првиот беше во далечната 2012 година на УФЦ 143, кога тогашниот 23-годишен Пориер го задуши Холовеј во неговото деби. Седум години подоцна, тие повторно се сретнаа – овој пат во борба за привремениот појас во лесна категорија на УФЦ 236. Таа крвава ноќ на војна му даде на Пориер победа со едногласна одлука и билет за борба против Хабиб Нурмагомедов.
Во меѓувреме, Макс Холовеј изгради една од најголемите кариери во историјата на перо категорија. Тој беше крал на дивизијата, соборувше рекорди по бројот на удари, се бореше со елитата, но трилогијата против Александар Волкановски му донесе три порази. Сега се искачува во лесна категорија, барајќи нов почеток – и шанса конечно да го победи Дастин Пориер.
За Пориер, ова не е само последна борба. Ова е затворање на кругот. Последна шанса да се пензионира како шампион на БМФ, со кренати раце пред публиката. За Холовеј, ова е предизвик што доаѓа со тежината – и ризик од влегување во втора трилогија во кариерата со резултат 0-3.
Влогот не е само појас. Влогот е наследство, искупување и затворање на животно поглавје. УФЦ 318, со оглед на симболиката, локацијата и емоциите што го придружуваат, би можел да стане една од најтрогателните ноќи во историјата на организацијата.