Од 31 јануари до 2 февруари во Софија, Бугарија, се одржа карате-до семинар предводен од сенсеи Нака Тацуја и сенсеи Курихара Казуаки од Јапонската карате-до асоцијација- ЈКА.
На семинарот од Македонија учествуваа сенсеи Ѓоко Томоски, Александар Рајчевски и претседателот и главен инструктор на ЈКА Македонија сенсеи м-р Владимир Јовановски.
„Како телесно-духовна боречка вештина, карате-до беше претставено преку неговата техника како начин за обединување на телото и духот. Беа опфатени основни техники (кихон), форми (ката) и борби (кумите). Објаснети беа принципите за генерирање сила и брзина од центарот на телото (чу танден), контракција и експанзија (таи но шиншуку), правилна поставеност на телото (шисеи), дишење (кокју) и чувството на умот, духот и срцето (кокоро камае)“, вели претседателот на ЈКА Македонија Владимир Јовановски и нагласува:
„Во духот на традицијата, како што и сите древни учители кои ги почитуваме а кои воедно биле иноватори, беа претставени и најновите дополнувања на досега постоечките знаења во карате-до“.