Јасмин Мифтар прикажа одлична борба во мечот од Првата српска лига во бокс меѓу Крагуевац и Лозница, иако е поразен.
Боксерот на Аперкат од Скопје кој настапува во Првата лига на Србија за екипата на БК Крагуевац се сретна со искусниот Шакировиќ, внук на салвниот Фазлија Шакировиќ. Во првата рунда Мифтар имал целосна доминација а на крајот од рундата добил недозволен удар под појасот, но судијата не реагирал. И во втората рунда продложил со исто темпо и со висок гард, што било непремостлива препрека за Шакировиќ, па затоа како искусен боксер пласирал уште еден низок удар на кој не реагирале судиите. Поради ова тренерот Оливер Станков не сакал да ризикува ја подигнал раката и ја предал борбата.
„Мифтар покажа квалитетен бокс кој беше технички дотеран. Инсистиравме на подигнат гард, а тоа се покажа како многу добра тактика. Но, искусниот Шакировиќ зададе два ниски удари кои судиите не ги санкционираа и затоа ја кренав раката. Не сакав да дојде до некоја повреда. Инаку, оваа борба на Јасмин беше на многу повисоко ниво од онаа на „Мечот на шампионите“. Првата рунда со сигурност ја доби, а и во втората имаше предност. Сепак, искуството за него е големо и од меч во меч е подобар“, рече тренерот Оливер Станков.
Екипата на Лозница славеше против Крагувеца со 14-2.
Ipon.mk/В.Д.