На Државното првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година Карате клубот Металург беше најуспешен со вкупно освоени 16 медали – 10 златни, 4 сребрени и 2 бронзени. Стратегот на клубот Мирче Јанушевски излезе со став за успехот на клубот и како што вели тој „мислење за напредок на карате спортот во иднина“.
„Постигнатиот резултат на Државното карате првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година (К-Ј-Ј-21) на кое Металург има најдобри резултати, 10 златни медали, 4 сребрени и 2 бронзени е пред клубовите Олимпик Спорт 2007 (3-3-4), Кеикс (3-2-2), Макпетрол (3-2-2), Ронин (3-1-2) итн. Пред се, ова е резултат на непрекината работа во клубот преку целата година со овие категории. По краткотрајниот летен одмор од две недели, физичките подготовки на натпреварувачите започнаа во последната недела од месец јули продолжија во август и веќе во септември имаше прва контрола, кога и со натпреварувачи од Ј-21настапивме на „Истанбул опен“ карате турнир од Премиер лигата. Репрезентативецот во сениорска конкуренција, Петар Спасеновски, во исто време и Ј-21, беше најдобар и единствен од Македонија кој освои бронзен медал, всушност ја исполни нормата за да биде репрезентативец во категорија -84 кг во борби, каде што е и државен првак за 2016 година“, вели Јанушевски.
Потоа тој наведува дека втора проверка на подготвеноста на натпреварувачите е на силниот Меѓународен турнир „Кроација опен“ на 1 октомври во Риека и на кој уцествуваа натпреварувачи и репрезентации од 19 држави, при што каратистите на Металург освоија 4 бронзени и 1 сребрен медал.
„За жал, на Петар Спасеновски од страна на КФМ не му беше дозволено да се натпреварува, бидејќи во истиот термин имаше викенд подготовки со сениорската репрезентција во Скопје. По мене тоа беше грешка, бидејќи на турнирот настапија комплетни сениорски репрезентации на повеќе земји (Германија, Србија, Хрватска, Унгарија, Австрија, Бугарија итн). Тоа ќе беше одлична можност и во Ј-21 и во сениорска конкуренција да направи повеќе борби со што ќе беше уште поподготвен за настап на Светското првенство во Линц“, констатира Јанушевски и додава: „Оваа контрола покажа дека се движиме во вистинска насока и дека освоените медали во така силна меѓународна конкуренција се потврда за подготвеноста на нашите натпреварувачи“.
Покрај контролата на меѓународните турнири натпреварувачите на Металург имаа и две домашни проверки на Меморијалниот карате турнир „Грдановски Никола-Нике“ на 8 октомври и на 15 октомври на „Тетово опен“ со кои е заокружен циклусот на контролни натпревари и е добиен целосен увид во подготвеноста на натпреварувачите и потребните исправки на тактичко-технички план.
„Завршницата, односно настапот на Државното првенство, покажа дека натпреварувачите кои успешно ги поминаа подготовките и контролните натпревари имаа добар и квалитетен настап на првенството што се гледа преку освоените места односно кандидатурите за состав на државната репрезентација“, заклучува тренерот на Металург.
Јанушевски нагласува дека во наредниот период има уште два контролни натпревари на кои постигнатите резултати се вреднуваат за избор на државната репрезентација на Македонија во К-Ј-Ј-21 за настап на Европското првенство во февруари во Бугарија, Балканското првенство во Сараево и „Гранд при Кроација“ во Самобор -Хрватска во јануари.
„И покрај постигнатите резултати на ДП се уште ништо не е конечно. Претстои уште многу работа за одржување и подигнување на формата на натпреварувачите за да обезбедат место во репрезентацијата, а потоа и добар настап на Европското првенство“, категоричен е Мирче Јанушевски.
Ipon.mk/В.Д.