Ова е своевиден среќен крај на приказната, која почна лани во септември кога беше укинато досегашното законско решение и од кога сите федерации, клубови и индивидуални спортисти почнаа да се „држат за глава“. Измените на законот требаше да се случи пред две недели, кога мистериозно беше повлечен предлогот од седницата на Собранието и тоа само со неофицијални најави дека станува збор за техничка грешка. Тоа излезе точно, па денеска пред парламентарците конечно се појави „злато вредно“ парчето хартија, кое без преголема дискусија и никаков отпор беше официјализирано.
Најдраматична промената во новата верзија на Законот за спорт е во делот за исплата на плати за играчите во клубовите, со оглед што во еден од членовите е предвидено дека само 25-отсто (една четвртина) од добиените пари ќе може да се потрошат за плати на странските спортисти. Ова е со цел за промоција на домашниот спорт, со оглед што три четвртини од сумата добиена преку ваучерот ќе мора да се префрли на сметките на Македонците.
„Предлог измените на Законот за спортот се однесуваат на обезбедување на финансиски поттикнувања по основ на директна државна помош за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување на подобри резултати како во домашни рамки така и на меѓународно ниво“, се вели во објаснувањето на промените на Законот за спорт.
Во предлогот за измени на Законот се наведени критериумите според кои ќе бидат направени ранг-листите за федерациите и клубовите во секој спорт, според кои потоа ќе се распределат парите од државата. Поради многуте критики поради евентуални злоупотреби на средствата од ваучерот, со промените се предвидени и ригорозни казни и тоа од максимални 10.000 евра за федерациите и клубовите кои добиваат пари од државата.
Според предлогот, Агенцијата за млади и спорт е обврзана да формира Централна комисија (ЦК) која ќе се состои од претседател и шест члена, со тоа што претседателот и двајца членови ќе бидат лица вработените во АМС, двајца членови ќе бидат од националните спортски федерации од екипните спортови и двајца членови од националните спортски федерации од индивидуалните спортови. Секоја национална федерација е должна прелиминарната бодовна листа на клубовите и на спортистите да ја објави најдоцна до 1 март во годината и да ја достави до ЦК, која потоа ја проверува, евалуира и доставува до Советот за спорт. Таму листата за тоа кој колку пари ќе добие се проверува уште еднаш и потоа се доставува до Службен весник за објава, со што станува конечна. Сето ова мора да се заврши до 5 април, а во предлог-измените на Законот за спорт не е наведено кога најдоцна парите би „легнале“ на сметка на спортистите.