Синоќа последната борба на „Профи боксинг најт Прилеп“ ги крена прилепчани на нозе, бидејќи нивниот миленик Ице Трајкоски ја извојува и втората професионална боксерска победа со нокаут во првата. Трајкоски славеше против Бугаринот Енсар Осман.
Борбата траеше неполна рунда, затоа што нашиот боксер тргна агресивно и веднаш го нападна Бугаринот. Неможејќи да ја издржи пеколната атмосфера, но и низата удари кои ги доби, Осман се откажа од борбата, а судиите ја прекинаа и му доделија победа на Трајкоски со технички нокаут.
Публиката френетично го поздрави Трајкоски извикувајќи „Македонија, Македонија….”
Втората победа, по онаа од Тирана минатата година, Ице ја прослави со развиорување на македонското знаме, а момците од неговиот тим го кренаа на рамена.
На настанот во Прилеп се одржаа четири бокс мечеви, кои беа на ниво за гледачите. Силите ги одмерија Наполот Токри (Албанија) и Божидар Илиќ (Србија), а победата му припадна на Албанецот кој славеше со одлука на судиите. Даниел Марку (Aлбанија) со технички нокаут го победи Мартин Станев (Бугарија), додека Новак Радуловиќ (Србија) беше подобар од Дарко Стевановиќ (Србија) со судиска одлука.
Настанот беше во организација на Про боксинг Македонија, предводена од Дарко Чатлески.