Големата надеж на тешкашот Мозес Итаума, кој пред неколку дена го прослави својот 20-ти роденден, пред две недели убедливо стигна до 11-та победа во кариерата.
Младиот британски боксер со брутален нокаут во првата рунда го совлада Австралиецот Демси МекКин на големиот настан во Кингдом арената во Ријад, каде Усик по втор пат беше подобар од Фјури.
Итаума се радува на нов предизвик, а во неодамнешното интервју истакна дека е подготвен да атакува на титулата светски првак.
Вели дека веднаш би го прифатил мечот против Даниел Дубоа, но ќе мора да почека малку, бидејќи неговиот сонародник во февруари го брани светскиот шампионски појас на ИБФ против Новозеландецот Џозеф Паркер.
„Не би размислувал многу, веднаш би ја прифатил борбата за шампион. Но, знам дека прво треба да ја заработите можноста да се борите за титулата. Зборував и со тренерот, делиме исти размислувања. Ако ми понудат меч за појасот за година-две, треба да ја прифатам таа борба“, изјави Мозес Итаума, откривајќи што мисли за потенцијален меч против Усик и Фјури:
„Мислам дека нема смисла, но никогаш не се знае. Сè може да се промени за една година. Можеби еден ден ќе бидам во позиција да се борам со еден од нив“.