Историски успех на УСА опен: Македонското знаме на победничкиот подиум

На најголемото интернационално натпреварување во историјата на САД – УСА опен, со над 2600 натпреварувачи од 40 земји, тимот на Милошевски маршал артс (Меган, Бони, Сиена и сенсеи Дејан) двапати успеаја гордо да го развиорат македонското знаме и да ја претстават Македонија на глобалната сцена.

„Младата надеж Бони го освои бронзениот медал во дисциплината кати на Интернационалниот јуниорски куп – неверојатно достигнување за неа и нашиот тим, особено што ова беше нивни прв настап на глобално ниво. Меган и Сиена дадоа сè од себе– борбено, достоинствено и со срце полно гордост. Како нивен сенсеи, не можев да бидам погорд“, вели нашиот карате мајстор и нивни тренерт во САД Дејан Милошевски.

Во сениорската конкуренција, сенсеи Дејан, по неколку години со повреди и посветена тивка подготовка, се врати на татамито со една цел – да го даде максимумот и да ја покаже силата на македонскиот дух. Во 2018 и 2021 година беше бронзен во дисциплината кати – сите стилови, а во 2021 година беше златен во дисциплината кати- шотокан, оваа година успеа да го постигне највисокото признание – златен медал во кати (сите стилови).

„Ова злато беше повеќе од лична победа – тоа беше симбол на непоколеблива решителност, на верата во напорната работа и доказ дека македонското срце чука силно и далеку од татковината“, вели Милошевски кој настапи на овој престижен американски натпревар.

Дополнително, со огромна чест и одговорност, беше и дел од судискиот тим на ова натпреварување, судејќи три дена од утро до вечер, и учествуваше во иницијалната селекција за квалификациите за Државното првенство во јули. И покрај заморот, најде време да го даде најдоброто од себе и како натпреварувач.

„Честитките што ги добив лично од претседателот на Американската федерација за карате, како и од бројни тренери, судии и натпреварувачи, беа уште едно признание дека вистинскиот авторитет се гради со пример, а не со зборови. Многумина беа изненадени од фактот дека судија може да вежба и настапува со таков квалитет – но тоа е токму пораката: никогаш не престанувај да се бориш за својата визија“, вели Милошевски и додава:

„Овој успех го посветувам на сите Македонци во дијаспората, на оние кои не забораваат од каде потекнуваат. Како карате амбасадор и промотор на Македонија и македонската заедница во САД, мојата мисија е јасна – да ги инспирирам младите, да изградиме генерации со карактер, и да ја носиме Македонија со себе, секогаш и секаде.

Успехот секогаш останува, но патот до него е тој што се памети и прераскажува – за да ги инспирира следните генерации да сонуваат, да веруваат, и да успеваат“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON