Просто да се изначудиш кога човек се оградува од комуникацијата со остатотокот од светот ограден со кинески ѕид, а на блиските околу себе и забранува каква било комуникација, дури и да лајкуваат и споделуваат текстови од Ipon.mk. Методи препознатливи за еден друг систем на уредување од кого се оградивме поодамна. Некои тоа го викаат болшевизам, други сталинистичка догма, а меѓу македонскиот народ е востановена изреката „удбашка работа“.
Само, чудно е како и леви и десни ги прифаќаат ваквите гледишта. Или, како што ќе рече нашиот народ „За ова ли се боревме“!
Единствeниот портал за боречки спортови и вештини никогаш не бил затворен, напротив, секогаш е прв во објавите и промоциите на спортистите. На некого за жал, на друг за корист/радост, зашто друг му ја завршил работата, си ги копира материјалите и покажува колку е вреден работник. Дури, и дека каратето има голема промоција. Да, има! Ама каде? Во Ipon.mk! А на друго место?…….,хм! E, зошто е тоа така?
Бараме одговори, бараме резултати, известувања… и што добиваме?! Преплатникот не е достапен; на ручек сум; ни забранија да ти даваме резултати; не смеат да лајкуваат и шеруваат вести од Ипон.мк. Едноставно кажано, се слуша зборот на кодошите и чауш-кодошите, чинови кои сами си ги доделиле „луѓето на претседателот“!
Вака ли ќе одиме во Европа, Светот и Токио 2020!?
Не касаме! Бидна и демант! Ама, пак се нема храброст лично да се направи тоа, туку на заобиколен начин. И, после Цацко е крив!
Иронијата е голема, го оспорувате, а тој ви враќа со правовремено известување, бесплатни анaлизи, афирмација на карате спортот! И некои луѓе кои беа во слична ситуација пред едно 20 години (немилост на Карате сојузот на Македонија, забрана за натпреварување), пак, мојата маленкост се нафати да го одглавува каратето и да му помогне на клубот и на каратистите кои беа во него, за да се натпреваруваат. И не беше грешка. Ама, по 20 години некои луѓе го промениле мислењето.
Ако не беше јавниот притисок од единствениот веб-сјат за боречеки вештини, дали ќе се вратеа парите на натпреварувачите од Европското првенство за кадети, јуниори и У-21? Патем, освојувачот на медалот си го плати учеството, како и неколку други повеќекратни медалисти. Дали ќе се вратеа дел од парите на децата кои беа сместувани по 5-6 деца во соба во Истанбул на Балканското првенство, за што целата вина беше префрлена на агенцијата и на домаќинот, што не е баш така? Дали ќе одеа на две кола на Премиер лигата и на Балканското сениорско првенство репрезентативците на сметка на Федерацијата? Или на сегашниот циклус на подготовки и Премиер лиги?
Немаше! Сето ова ќе се премолчеше и ќе се туркаше по старо. Зарем тие не се борат за боите на Македонија!?
Да не испадне дека не сме побарале одговор, сега тоа го правиме јавно: Кој го финансира патувањето на карате репрезентацијата на Светското првенство за кадети, јуниори и У-21 од 25-29 октомври во Тенерифе, Шпанија, Карате федерацијата на Македонија или Агенцијата за млади и спорт? И, дали тоа ќе чини околу еден милион денари?
Ipon.mk/В.Д.