Херн вели дека Ентони Џошуа има седум потенцијални кандидати за неговата следна борба

Тајсон Фјури објави дека се пензионира во понеделникот, но боксерскиот промотор Еди Херн веднаш изрази сомнеж за одлуката на поранешниот шампион.

Сопственикот на Мечрум истакнува дека ова е само уште еден трик на Џипси Кинг да ја зголеми таксата за потенцијалниот меч против Ентони Џошуа за кој навивачите се надеваа дека ќе се случи оваа година.

Херн, исто така, откри дека веќе го резервирал стадионот Вембли пред можна пресметка меѓу Џошуа и Фјури, само неколку часа пред поранешниот шампион на ВБЦ да ја објави бомбата за својата иднина.

Навивачите горе-долу се помирија со фактот дека можеби нема да ја видат борбата меѓу Фјури и Џошуа, која беше планирана пред неколку години, но никогаш не беше договорена.

Непоразениот украински боксер Александар Усик двапати ги победи и двајцата, а и покрај тоа имаше огромен интерес за дуелот на двајцата врвни британски борци.

Промоторот на Џошуа, Еди Херн неодамна истакна дека со оглед на новонастанатата ситуација, Еј Џеј има седум потенцијални противници – Мартин Баколе, Дилиен Вајт, Дионтеј Вајлдер, Жилеј Жанг, Агит Кабајел, Даниел Дубоа и Џозеф Паркер.

Во септември минатата година Ентони Џошуа доживеа тежок пораз со нокаут на Вембли од Даниел Дубоа, кој на тој меч ја одбрани титулата во тешка категорија на ИБФ.

Победи тројца борци на листата на Херн – Паркер и Вајт, а беше подобар од Жанг во 2012 година на Олимписките игри во Лондон кога го освои златниот медал.

Пресметка со поранешниот шампион на ВБЦ Вајлдер можеби нема да го предизвика истиот интерес како пред неколку години, но нема сомнеж дека останува голема борба.

Сепак, Херн останува уверен дека Фјури ќе го промени своето мислење.

„Видов дека доаѓа, можев да претпоставам“, ја коментираше одлуката на Тајсон Фјури да се пензионира Еди Херн и додаде:

„Ако некогаш сакате да се вратите и да го добиете максимумот што мислите дека го заслужувате, тогаш прво одете во пензија? Потоа доаѓа некој да ве повлече од пензија. Но, ако ова е последен пат да го гледаме Тајсон Фјури, нека му е со среќа. Но, се сомневам во неговата одлука. Но, ако така одлучил, тогаш тоа треба да се почитува“.

Промоторот на Џошуа верува дека добро го познава Фјури и верува дека ќе се врати во рингот.

„Мислам дека ќе му здосади и повторно ќе побара борба. Кога ќе сфати колку британската јавност сака да го види на меч со Еј Џеј, ќе се врати. Верувам дека повторно ќе го видиме во рингот. А ако не, нека му е со среќа“, заклучи Еди Херн.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО