Се уште не се наѕира расплето во светскиот бокс во тешка категорија. Светските шампиони Тајсон Фјури и Александар Усик со месеци неуспешно се обидуваат да договорат борба, а поради нивните преговори, многу други борци се без можнос да си најдат предизвикувач во рингот или пак да бидат предизвикани од некој друг.
Меѓу нив е и најдобриот хрватски боксер Филип Хрговиќ, кој чека нова борба, 16-та во кариерата, од август минатата година, кога со судиска одлука го совлада Кинезот Жилеј Жанг.
-Бев подготвен за мечот уште во декември, ова е многу фрустрирачко, најлошото нешто што може да му се случи на еден борец. Подготвен сум и чекам, изјави неодамна 30-годишниот Хрговиќ.
Сега неговиот промотер Еди Херн, му понуди на Фјури борба со Хрговиќ.
„Еве, имам решение… Ако Ентони Џошуа се бори со Дилиен Вајт, а Усик се бори со Даниел Дубоа, тогаш Фјури би можел да се бори со Хрговиќ. Му ја нудам таа борба за септември. Сепак, Фјури е паметен и без големи пари нема да влезе во опасна борба. Ќе дојде и ќе ми каже: Нема да се борам со Хрговиќ, никој не слушнал за него. Секогаш ќе смислува некаков изговор“, изјави Херн.
Неодамна Херн откри дека непоразениот хрватски боксер (15-0) би можел да влезе во рингот со Демси МекКин.
„Блиску сме до договор околу организацијата на борбата МекКин – Хрговиќ“, изјави Херн во интервју за „ИФЛ ТВ.“
МекКин е 32-годишен Австралиец, кој 22 пати влегувал во рингот и секој пат излегувал како победник. Исфрли 14 противници. Наводно, борбата на Хрговиќ против МекКин треба да биде за привремената титула на ИБФ.